Премиерот Димитар Ковачевски ја повика Бугарија да почне да ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да обезбеди Македонците во Бугарија да ги уживаат сите права како што е случај со малцинствата во Македонија.
Судот во Стразбур има донесено 15 пресуди против забраната за здружување на Македонците во Бугарија, а дополнително Комитетот на министри на Советот на Европа во декември ја повика Бугарија да дозволи регистрација на здруженија кои имаат за цел признавање на македонското малцинство. Но, бугарските власти ги игнорираат и пресудите и препораката.
„Македонци има во скоро сите држави во светот, така и во Бугарија. Нив им следуваат сите права кои што им следуваат на сите граѓани, слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Вие знаете дека постојат и пресуди на Судот за човекови права и кои што Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа јас ги повикувам уште еднаш бугарските власти, согласно одлуките на судот и согласно европските правни норми за заштита на малцинските права, исто така и тие да постапат, бидејќи се работи за земја членка на ЕУ. И тие граѓани на Бугарија кои се самоопределуваат како Македонци во исто време се граѓани на ЕУ и затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права исто како што кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец кој се самоопределува различно од Македонците или од другите кои се дел од нашето општество“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Ковачевски потоа зборуваше за различни уставни уредувања во однос на малцинствата и кажа дека бугарскиот устав спаѓа во уставите, како што е францускиот, кои што предвидуваат дека правото на самоопределување е индивидуално и се остварува индивидуално, додека Македонија спаѓа во земјите во кои што има колективно остварување на човековите права.