Гергели Гулаш, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан Гергели, вели дека треба да се земат предвид и условите во македонските затвори, како и ситуацијата со македонското правосудство, кои добиваат лоши оценки во извештаите на Европската комисија и Советот на Европа при разгледување на барањето на осудениот експремиер Никола Груевски за азил во Унгарија.
Одговарајќи на пратеничко прашање во унгарскиот парламент како може Груевски да аплицира за азил кога влегол во Унгарија од Србија која е безбедна земја, Гулаш вчера кажа дека принципот на безбедна земја е важен, но според процедурата за барање азил треба да се земе предвид ситуацијата во Македонија со судскиот систем и условите во затворите, додавајќи дека не е сигурен дека Груевски добил фер судење при изрекувањето на двегодишната затворска казна.
Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.
Четири дена подоцна, Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција на 16 ноември кажа дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.
Неколку унгарски медиуми утринава објавија дека веќе е донесена одлука по барањето за азил на Груевски, но не се знае каква.