Во првата пресуда за полицајците обвинети за свој придонес за нелегалното работење на дискотеката “Пулс” во Кочани, што доведе до катастрофалниот пожар во кој загинаа 63 млади лица, а над 230 беа повредени или уште се лекуваат, ниту еден од тројцата обвинети нема да лежи затвор. Тројцата полицајци не дојдоа на изрекувањето на пресудата.
Судијката Лидија Петровска на Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна од една за три години, а на поранешниот командир на ПС Кочани, Александар Темелков, условна осуда од една за четири години.
Обвинетите полицајци се поделени во три обвиненија, течат судења и за девет, како и за уште 13 полициски службени лица.
Во периодот од 07.10.2023 до 07.02.2024 година, полициските инспектори Богатинов и Лазаров не ги извршиле своите службени должности и не постапиле по анекс-планот за акциска контрола при изготвувањето на записниците за извршената контрола. При таа контрола, тие констатирале нарушување на јавниот ред и мир, но внеле погрешни податоци за фирмата и за одговорното лице на кабарето „Пулс“.
Темелков, пак, како командир на ПС Кочани, при одобрување барање за прекршочна постапка во два случаја во 2024 година, иако бил должен да ја провери целокупната документација, потпишал и поднел барање до Основниот суд Кочани против згаснатото правно лице „Класик ДМ Кочани“ и против Дејан Јованов, кој не бил одговорно лице на клубот „Пулс“.
Во „Пулс“ било констатирано нарушување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а овие тројца обвинети намерно внесувале неточни податоци. Богатинов при контролата воопшто не побарал лиценца за работа на клубот.
Со неточните податоци, двајцата инспектори и командирот му овозможиле на „МММ Кафе“ непречено да работи, односно прибавиле имотна корист за „МММ Кафе ДООЕЛ“, за нејзината подружница „Пулс“ и за нејзиното вистинско одговорно лице.
Тројцата полицајци се неправосилно осудени за Злоупотреба на службената положба и овластувањата“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



