УСТАВНАТА СУДИЈКА КАЦАРСКА ОДБИЛА ДА ЗЕМЕ ДОДАТОЦИ НА ПЛАТАТА ОД СТРАВ ДЕКА СЕ НЕЗАКОНСКИ, РАЗНОГЛАСИЕ КАЈ СУДИИТЕ ЗАШТО НЕМААТ ЗАКОН

    УСТАВНАТА СУДИЈКА КАЦАРСКА ОДБИЛА ДА ЗЕМЕ ДОДАТОЦИ НА ПЛАТАТА ОД СТРАВ ДЕКА СЕ НЕЗАКОНСКИ, РАЗНОГЛАСИЕ КАЈ СУДИИТЕ ЗАШТО НЕМААТ ЗАКОНВладата уште не подготвува закон за Уставниот суд и закон за плати на уставните судии (Фото:СДК.МК)

    Уставните судии ги зеле првите додатоци на платите што си ги изгласаа самите со деловник место со закон, но не сите. Дознаваме дека судијката Добрила Кацарска со писмена изјава одбила да ѝ легне и денар додаток на платата, зашто според неа, овие додатоци се незаконски.

    Таа во писмената изјавата навела дека и во иднина одбива додаток. За Уставниот суд Собранието нема донесено закон, како што има донесено закони за судовите, за јавното обвинителство, закон за плати за судии, за обвинители и други избрани и именувани функционери.

    Додатоците со деловничка измена осум уставни судии ги изгласаа на 22 октомври лани, Кацарска тогаш уште не беше избрана за уставен судија.

    „Дополнувањето на Деловникот на Уставниот суд со кое се утврди правото на додатоци на плата на судиите на Уставниот суд беше донесено едногласно од тогашниот осумчлен состав на Судот. Сакаме да укажеме дека станува збор за лично право на избор и Судот не може да дава коментари по однос на ова“, ни одговорија од Уставниот суд за судијата кој одбил да зема додатоци на платата.

    На судиите на Уставниот суд, заедно со платата за месец февруари, за првпат им беа исплатени овие додатоци на плата во висина од 25% од основната плата, се наведува во одговорот оттаму.

    Уставниот суд е единствената институција која е оставена без каков било закон. Функционира само врз основа на неколку члена од Уставот и со Деловник што го носат судиите, интерно. Обидот и тие да земат надоместок на плата, заврши со несогласување и одбивање на тие пари од страна на еден уставен судија, стравувајќи дека тие се надвор од законот.

    Осумтемина уставни судии во октомври на членот 10 му додадоа 10-а, кој гласи:

    „Покрај правото на плата и други надоместоци, судиите на Уставниот суд имаат право на додаток на плата за:

    -посебни услови за работа

    -постоење на висок ризик

    -доверливост

    Вкупниот износ на висината на додатоците од ставот 1 на овој член, не може да изнесува повеќе од 35% од основата на платата на судијата. Додатоците од ставот 1 на овој член, нивната висина и начинот на утврдување се уредуваат со акт на Судот“.

    На прашање кој е ставот на Уставниот суд по однос на потребата од донесување закон за плати на уставните судии, односно закон за Уставниот суд, оттаму одговараат:

    „На сите досегашни средби со претставниците од извршната власт на кои беа разгледувани прашања од областа на функционирањето на Судот и начините за нивно решавање за кои и јавноста беше известена, меѓу другото од страна на претседателот на Уставниот суд Сали Мурати беше посочено дека заради гарантирање на самостојноста на Судот е потребно донесување посебен закон за Уставниот суд. Што се однесува до донесувањето на закон за плати на уставните судии, тоа би било логично решение ако се има предвид дека досега има донесено вакви закон за плати на судиите во редовното судство, обвинителите, членовите на Судскиот совет итн“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира