УСТАВНИОТ СУД ИМ ГО ОСТАВИ ПРАВОТО НА РАБОТНИЦИТЕ ДОБРОВОЛНО ДА СЕ СОГЛАСАТ НА ПОВЕЌЕ ПРЕКУВРЕМЕНИ РАБОТНИ ЧАСОВИ ПРИ ГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“

    УСТАВНИОТ СУД ИМ ГО ОСТАВИ ПРАВОТО НА РАБОТНИЦИТЕ ДОБРОВОЛНО ДА СЕ СОГЛАСАТ НА ПОВЕЌЕ ПРЕКУВРЕМЕНИ РАБОТНИ ЧАСОВИ ПРИ ГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“Уставните судии, додуша не едногласно, одлучија дека законите даваат избор а не обврска со писмена согласност работникот да прифати дополнителни работни часови(Фото:СДК.МК)

    На седницата на Уставниот суд денеска паднаа иницијативите со кои се бараше неуставност на законските измени со кои за градба на стратешки проекти за државата како што се коридорите на „Бехтел и Енка“, на градежните работници им се остави избор да работат и по 12 часа на ден, односно и до 190 часа годишно.

    Уставните судии, додуша не едногласно, одлучија дека законите даваат избор, а не обврска, со писмена согласност работникот да прифати дополнителни работни часови. Сметаат дека останува законската обврска секој ден работникот да мора да има непрекинати 12 часа одмор, а во недела 24 часа, непрекинато, а и обврската да имаат дневен одмор.

    Судот смета дека на работниците кои доброволно ќе прифатат плус 4 часа работа во денот, загарантирана им е и заработувачката, со закон. Во делот на иницијативите за загрозување на здравјето на овие работници, Уставниот суд кажа дека нема надлежност да се меша бидејќи тоа е работа на Инспекторатот за труд.

    Дополнително, мнозинството од уставните судии видело гаранција во заштитата на правата на работниците и поради тоа што секоја согласност за прекувремена работа, изведувачот ќе мора да ја пријави во подрачната единица на Државниот инспекторат за труд.

    Одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, а се однесуваат на работните часови за проекти од стратешко национално значење, ги оспорија: политичката партија „Левица”, Хелсиншкиот комитет за човекови права од Скопје и Сојузузот на синдикатите на Македонија ССМ застапуван од претседателот Слободан Трендафилов, како и од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.

    Според подносителот Левица законската норма која предидува дека прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот, е уназадувачка, општествено-деградирачка и нехумана и е во спротивност со основните слободи и права на граѓаните.

    Хелсиншкиот комитет, меѓу другото, смета дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот, па во иницијативата имаше наведено дека со нив се напушта нивото на заштита кои го нудат позитивните законски прописи и меѓународни конвенции и се прави обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе воспоставени правила, што создава опасност од нееднаков третман и дискриминација на одредена група работници со акт на министер.

    Во третата иницијатива на ССМ и СГИП се наведува дека оспорените одредби од Законот се во спротивност со член 109, 110 и член 134 став 2 од самиот закон за работни односи, како и со член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приваниот сектор од областа на стопанството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира