Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја отфрли иницијативата на Тодор Петров против распуштањето на Собранието на 16 февруари 2020 година, кога беа и распишани предвремените парламентарни избори за 12 април.
„Постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието не е поведена, така одлучи мнозинство од гласовите на уставните судии. Собранието останува распуштено“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Уставниот суд.
Со иницијативата, подносителот Тодор Петров побарал Уставниот суд да ја поништи одлуката за распуштање за која консензуално гласаа 108 пратеници, од сите парламентарни партии. Тој бара Парламентот одново да се состане, за да воспостави контрола над Владата, која по прогласувањето на вонредната состојба на 18 март, ги презеде ингеренциите на законодавната власт и носи уредби со сила на закон.
На седницата на која не присуствува јавност поради мерките против коронавирусот, уставниот судија Дарко Костадиновски им воочил на колегите дека пратениците не го прекршиле и постапиле согласно нивната уставна и законска надлежност за самораспуштање, во регуларен период кога немаше ни епидемија, ни вонредна состојба и оти не е неопходно одново да се состане, бидејќи има механизам за контрола на активностите на Владата. Костадиновски ги потсетил уставните судии дека Уставниот суд има надлежност да ја контролира Владата и уредбите што ги носи во вонредна состојба.
За таа цел, уште денеска осумтемина присутни судии одржале работен состанок, на која ја утврдиле динамиката за расправа по поднесените иницијативи во врска со некои од уредбите што ги донела Владата изминатиот месец во вонредна состојба.
Интересно и невообичаено е што овојпат и Уставниот суд самиот, по службена должност ќе ја оценува уставноста на некои од владините одредби, но оттаму не кажуваат во кои од нив се посомневале уставните судии.
„По одржувањето на продолжението на Десеттата седница, судиите на Уставниот суд одржаа работен состанок на кој ја утврдија динамиката на разгледување и одлучување по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспорените уредби со законска сила, донесени од Владата на Република Северна Македонија. Но, и по однос на предметите за оценување на други уредби со законска сила за кои Судот одлучи да поведе постапка по службена должност согласно член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд“, велат оттаму.
С. К. ДЕЛЕВСКА