Уставниот суд денеска утврди повреда на слободата на изразување на новинарот на „Фокус“ Влатко Стојановски во Собранието, при организираниот напад на 27 април 2017 и со тоа му го отвори патот да ја тужи државата во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Повредата на ова уставно загарантирано право на новинарот Стојановски е сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 и една од Апелациониот суд Скопје истата година. Според Уставниот суд, во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на Стојановски како новинар на „Фокус“, за време на насилството во Собранието од 27 април 2017.
„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес. Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес, но овие важни околности не се земени предвид од страна на двата надлежни суда“, кажа денеска Уставниот суд.
Во иницијативата на Стојановски било наведено дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27 април 2017 при извршување на работната задача во Собранието, а Граѓанскиот и Апелациониот суд со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес.
С. К. ДЕЛЕВСКА