Над 27 илјади граѓани досега се пријавени за бесплатната вакцинацијата против сезонски грип, која почнува утре во Центрите за јавно здравје низ државата и нивните подрачни единици по градовите, вели Министерството за здравство. Вакцинацијата е бесплатна за ризичните групи население, кои можат да се пријават преку страницата vakcinacija.mk.
Станува збор за четиритипна вакцина против сезонски грип, од производителот „Абот“ од Холандија.
Вчера, преку Мој термин се испратени над 12 илјади покани преку смс со известување за терминот и пунктот за вакцинирање.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е незадолжителна, наменета за постари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
„Министерството испрати допис и до матичните лекари да им излезат во пресрет на заинтересираните граѓани да се пријават во системот за вакцинација“, велат од Министерството за здравство.