УТРИНСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ Е АФТЕРШОК ОД ЛАНСКИОТ СЕПТЕМВРИСКИ УДАР ОД 5,3 СТЕПЕНИ

    УТРИНСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ Е АФТЕРШОК ОД ЛАНСКИОТ СЕПТЕМВРИСКИ УДАР ОД 5,3 СТЕПЕНИ„Тоа што силата на земјотресот е помала укажува дека се работи за афтершок и тоа е вобичаено и покрај тоа што се поминати 9 месеци од главниот удар. Јас лично не очекувам потреси“ - проф. Михаил Гаревски, директор на ИЗИИС (Фото: МИА - август 2015)

    Земјотресот што ги разбуди скопјани утрово во 4.08 минути е последица на ланскиот земјотрес од 11 септември кој беше со магнитуда од 5,3 степени според Рихтер, вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

    Тој вели дека земјотресите не можат ниту да се предвидат, ниту пак да се најават, но според досегашното искуство не би требало да се случат нови значајни потреси од истото епицентрално подрачје.

    „Со оглед на тоа што утринава имавме потрес со магнитуда од 4,2 по Рихтер од истото епицентрално подрачје како  ланското што беше со магнитуда од 5,3 степени, јасно е дека се работи за афтершок од тој земјотрес“, вели Гаревски.

    Тој објаснува дека „кога би се работело за нов удар магнитудата би била поголема од 5,3 степени“.

    „Тоа што силата на земјотресот е помала укажува дека се работи за афтершок и тоа е вобичаено и покрај тоа што се поминати 9 месеци од главниот удар. Јас лично не очекувам потреси“, вели професор Гаревски. „Може да очекуваме уште земјотреси со мала јачина помеѓу 2 и 3 степени по Рихтер, кои не ги чувствуваме, но сосема се мали шансите да се повтори земјотресот од септември 2016 година. Иако нагласувам дека земјотресите не можат да се предвидат, ниту пак да се најават“, вели директорот на ИЗИИС.

    Земјотресот од 4,2 степени по европската макросеизмичка скала се почувствува во Скопје во 4 часот и 8 минути денеска пред зори. Епицентарот бил 15 километри источно од Скопје во областа на селата Арачиново и Марино на длабочина од 2 километри.

    Минатогодишниот земјотрес со јачина од 5,3 степени се случи на 11 септември во 15.10 часот. Епицентарот тогаш беше на 6 километри источно од Скопје, на длабочина од 4 километри. На овој земјотрес му претходеше еден помал од 4,2 степени истото утро. По главниот удар за неколку дена Скопјани почувствуваа повеќе од десет афтершокови, од кои најсилен беше оној од 12 септември со јачина од 4 степени.

    Последниот посилен земјотрес од низата афтершокови се случи на 4 октомври 2016 година кога се почувствува земјотрес од 3,1 степен од истото епицентрално подрачје.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира