В БОЛНИЦА СЕ 165 БОЛНИ ОД КОВИД, ЗА 23 ОТСТО ПОМАЛКУ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛА, ПЕТМИНА СЕ НА МЕХАНИЧКА ВЕНТИЛАЦИЈА

    В БОЛНИЦА СЕ 165 БОЛНИ ОД КОВИД, ЗА 23 ОТСТО ПОМАЛКУ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛА, ПЕТМИНА СЕ НА МЕХАНИЧКА ВЕНТИЛАЦИЈАИзминатава недела имало за 27,4% помалку ковид позитивни во однос на претходната. (Фото: СДК.МК)

    Моментално, низ болниците во земјава од ковид-19 се хоспитализирани 165 болни, вели најновиот извшетај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), што е голем пад на бројката ако се земе предвид дека лани во април само во Ковид-центарот во Битола беа хоспитализирани 152 болни.  А, само во Скопје во февруари 2021 имаше над 700 хоспитализации.

    Извештајот на Институтот за периодот од 7 до 13 март годинава, покажува дека сегашната бројка на 165 хоспитализирани значи и 23,6% помалку во споредба со претходна недела. Од нив 98 се на кислородна поддршка (34,7% помалку), а само 5 пациенти се на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Минатата недела биле тестирани 15.264 лица со што се бележи намалување од 12,% во однос на претходната седмица. Регистрирани биле 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, со намалување од 27,4%. Процентот на позитивност е 11,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Ресен и Скопје.

    И натаму најзастапена е возрасната група на лица над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години. Согласно новиот алгоритам, оздравеле 2.400 лица.

    Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2%. За време на цела пандемија имаше вкупно 11.113 заразувања по вторпат. Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови или 33,3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје. Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати над 60 години и еден од 50-59 години. Вкупно во изминатите две години од ковид починале  9.155 болни.

    И понатаму, во земјава доминантни се е BA.1 и BA.2 сублиниите на сојот омикрон.

    Од појавата на пандемијата до денес се разболеле 301.583 граѓани, најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци. И натаму највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци, а морталитет во Охрид, Прилеп и Кавадарци. Највисок леталитет во Струга и Крива Паланка.

    Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во скоро сите градови, со најголемо намалување во Делчево. Зголемување се забележува во Македонска Каменица и во Виница. Македонија и натаму е во фаза на широка трансмисија, подниво 2, со соодветни капацитети за одговор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира