В БОЛНИЦА СЕ 717 БОЛНИ ОД КОВИД ИЛИ 7 ОТСТО ПОВЕЌЕ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛА

    В БОЛНИЦА СЕ 717 БОЛНИ ОД КОВИД ИЛИ 7 ОТСТО ПОВЕЌЕ ОД МИНАТАТА НЕДЕЛАПочинале за 0,7% помалку во однос на претходната седмица. (Фото: СДК.МК)

    Минатата недела од коронавирус починале 147 заболени во 24 градови во земјава што е за 0,7% помалку во однос на претходната седмица, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 31 јануари до 6 февруари. Од нив најмногу биле од Скопје,  51 лице. Досега во земјава од ковид починале вкупно 8.599 болни.

    Моментално од ковид-19 хоспитализирани се 717 лица или 6,9% повеќе во споредба со претходна недела. Од нив 430 се на кислородна поддршка (10,3% повеќе во споредба со претходна недела), а 14 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација што е 54,8% помалку.

    Изминатата седмица биле регистрирани 9.982 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 16,2% во однос на претходната недела кога биле евидентирани 11.910 новозаболени. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,6%. Пријавени биле и 1.340 реинфекции, со намалување за 14 проценти во однос на претходната недела. Од појавата на вирусот заклучно со 06.02.2022, регистрирани се вкупно 7.842 (2,8%) реинфекции, од кои кај 20 лица тоа биле реинфекции по вторпат.

    Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 31 јануари до 6 февруари биле тестирани се вкупно 33.421 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање, со намалување од 13,2% во однос на минатата недела.

    Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана е во Кавадарци. Од заболените најзастапени се возрасните групи на лица над 60 и од 30 до 39 години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до девет години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 23,9% кај возрасната група од 30-39г, додека зголемување се забележува кај возрасните групи до 9 години со 21,4% и над 10-19години со 16,5% зголемување во однос на претходната недела.

    Согласно новиот алгоритам за оздравување, во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнало 11.122 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

    Од појавата на заразата до шести февруари пријавени се вкупно 278.872 случај на ковид-19, најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крива Паланка и Дебар.

    Регистрирана е зголемена инциденца во 15 градови во државата, а најголемо намалување на инциденцата во последните две недели се забележува во Крушево, Берово, Пробиштип, Демир Хисар, Прилеп и Битола во однос на претходните две недели.

    Досега, во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на сојот омикрон (B1.1.529). Детектирани се и примероци со сојот делта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира