ВАНГЕЛОВСКИ ЧЕКА ДА ГО ВИДИ ИЗВЕШТАЈОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА, ПА ЌЕ ОДГОВОРИ НА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВО ВРХОВЕН РАЧНО СЕ ДЕЛЕЛЕ СУДСКИ ПРЕДМЕТИ

    ВАНГЕЛОВСКИ ЧЕКА ДА ГО ВИДИ ИЗВЕШТАЈОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА, ПА ЌЕ ОДГОВОРИ НА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВО ВРХОВЕН РАЧНО СЕ ДЕЛЕЛЕ СУДСКИ ПРЕДМЕТИОд Врховниот суд денеска испратиле допис до министерот за правда Билен Саљији да им го достават Извештајот на работната група за функционирањето на АКМИС-системот. - Јово Вангеловски; Билен Саљији (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ќе одговори на обвинувањата на министерот за правда Билен Саљији дека наместо случаен избор на судии во Врховниот суд се добивал очекуван избор на судии, откако ќе го добие Извештајот на работната група за функционирањето на Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС) на Министерството за правда.

    Иако во четвртокот од Вхвовниот суд, преку соопштение најавија дека во понеделник ќе излезат со реакција на пресот на министерот за правда Билен Саљији, денеска ни одговорија дека утрово испратиле барање да им се достави Извештајот за функционирање на АКМИС системот.

    „Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски денес испрати допис до министерот за правда Билен Саљији со барање да нѝ се достави Извештајот од увидот во функционирањето на АКМИС системот, по што ќе следи и соодветна реакција од наша страна“, велат од Врховен суд.

    Министерот Саљији во четвртокот на прес-конференција рече дека судските предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд се делеле рачно, а не преку Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС).

    Во извештајот стои дека во Врховниот суд АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот Деловник.

    „На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија. Не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот. При промена на претседателот на судот веднаш се носел нов распоред за работа на судии. Не се почитувала процедурата за годишна промена на распоредот, на пример во 2017 година Годишниот распоред за работа на судиите бил сменет 9 пати“, кажа Саљији.

    Јово Вангеловски е претседател на Врховен суд од март 2017 година. Пред него на оваа функција беа Лидија Неделкова (до декември 2016 година) и Снежана Бајлозова (до март 2017).

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира