ВАНГЕЛОВСКИ И КАРАЏОВСКИ ЌЕ ГО СОВЕТУВААТ ЗАЕВ ВО НОВОТО ТЕЛО ЗА СУДСКИ РЕФОРМИ

    ВАНГЕЛОВСКИ И КАРАЏОВСКИ ЌЕ ГО СОВЕТУВААТ ЗАЕВ ВО НОВОТО ТЕЛО ЗА СУДСКИ РЕФОРМИНовото тело за реформи во судството, ќе се формира следната недела, a Караџовски и Вангеловски ќе влезат по функција (комбо слика СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев го прави списокот на авторитети од судството и правни експерти кои ќе членуваат во новото тело за судски реформи и во него, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, по функција ќе членуваат и претседателите на Врховниот суд Јово Вангеловски и на Судскиот совет Зоран Караџовски.

    Во судството, и покрај барањето на германскиот експерт Рајнхард Прибе за одговорност на судии и на највисоката судска власт, ништо не е сменето. Има само нов претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев. Според тоа, во новиот Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за периодот 2017 – 2022, со кое ќе раководи Заев, неофицијално, ќе седнат и Караџовски и Вангеловски.

    Новото тело за реформи во судството, ќе се формира следната недела,  и уште не е познато колку членови ќе брои и кој се ќе учествува во неговата работа, ни рекоа од Владата.

    Неофицијално, покрај Вангеловски и Караџовски по функција, во ова владино тело ќе членуваат и претседателите на основните судови со проширена надлежност, меѓу кои се и Основните судови Скопје 1 и 2, на апелационите судови и на двата управни суда. До Заев ќе седи министерот за правда Билен Саљији.

    Новиот совет за судски реформи се формира на местото на стариот, кој пропадна, т.е. се распушти. Тој беше составен од екперти и професори, а главен беше министерот Саљији.

    Работата на Советот за реформи на правосудството беше јавно критикувана од негови членови, а помеѓу нив: извршниот директор на Хелсиншкиот комитет Македонија Уранија Пировска, универзитетскиот професорот Гордан Калајџиев и универзитетската професорка Мирјана Најчевска. Пировска, Калајџиев и Најчевска поднесоа оставки од Советот.

    Професорот Калајџиев истакна дека Советот бил доста маргинализиран и дека, како што нагласи, имало некои чудни центри на моќ, кои работат на реформите без транспарентност. Според професорката Најчевска, пак, Советот служи само како параван за решенија кои се носат на друго место и за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството.

    Минатиот месец Владата донесе одлука и за формирање на совет за реформа на јавната администрација, со кој, како што беше најавено, ќе раководи, исто така, претседателот на Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира