Пратеникот Сашо Василевски, кој заедно со колегата сопартиец Крсто Мукоски ги отвори собраниските врати на 27 април лани за да влезе толпата внатре, останува во притвор. Така одлучи советот за организиран криминал од Апелациониот суд Скопје.
Мукоски, пак, денеска ја образложуваше жалбата пред тројцата судии од Апелација, кој одлуката треба да ја донесе утре. Денеска во судот беше и пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски, кој е во куќен притвор, а по чија жалба советот исто така треба да се изјасни утре.
Апелациониот суд ги потврди одлуките на Кривичниот суд за притворите на сите осомничени за 27 април. Во притвор останува и началникот во МВР Душко Лазаров, шефот на обезбедување на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, осомничениот Горан Ѓошевски и Митко Пешов, началник на посебните и специјалните единици.