Општата болница во Велес денес доби тригодишен сертификат за квалитет од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи. Таа е прва општа болница што добива ваков сертификат со рок на важење од три години.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој денес беше во посета на велешката болница по повод Светскиот ден на здравјето 7 април, најави дека наскоро ќе почне постапката за проектирање и реконструкција на инфективното одделение во оваа болница.
Тој кажа дека со доопремување на Ургентниот центар велешката болница ќе биде регионален ургентен центар, кој ќе пружа целосна дијагностика со што ќе се покријат сите потреби на пациентите од Велес, од околината и поширокиот регион на Повардарието.
Директорот на Агенцијата за акредитација Анте Поповски кажа дека е реконструирана главаната зграда на болницата, ставена е термоизолациска фасада, нови врати и прозорци и набавена е нова опрема, а воведени се и нови методи. Тој рече дека овозможена е едукација на докторите од оваа болница во странство, како и специјализација на клиниките.
Лани во септември, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи сертификати за квалитет им додели на пет здравствени установи, односно тригодишни сертификати за квалитет добија Клиниката за детски болести, Клиниката за ендокринологија и Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, а едногодишни сертификати добија Општата болница во Охрид и Клиниката за нефрлогија.
Е. БОЧВАРОСКА