СВР Велес поднесе кривична пријава против градоначалникот Славчо Чадиев поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, соопшти МВР. Според пријавата, Чадиев во јули 2012 година, како претседателот на Советот на Општина Велес го прекршил Деловникот за работа на општината со тоа што побарал по итна постапка повторно да биде вратена точка на Дневниот ред без да ја образложи итноста, иако му било укажано за прекршување на член 61 став 4 од Деловникот за работа на Советот. Станува збор за точката „Предлог-Одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од општина Велес на општина Чашка“, која што била претходно симната од дневен ред.
„Од страна на членови на Советот на претседателот му укажале за свесно кршење на Деловникот. Занемерувајќи го мислењето на одредени членови и наведувајќи дека не се работи за истата точка затоа што сега предлагачот бил друг, тој дозволил расправа по таа точка, а подоцна и донесување на Одлука по истата точка. Одлуката во Службен весник на Република Македонија била објавена на 16.07.2012 година. По донесената одлука за пренесување на правото на сопственост на синдикалното одморалиште Горно Врановци од Општина Велес на Општина Чашка, општина Чашка веднаш го огласиле за продажба со почетна цена 29.745.155 денари“, соопшти МВР.