ВЕСНА ДАМЕВА МЕ МРАЗИ ОТИ СУМ УСПЕШЕН, НЕЈЗИНИОТ БРАТУЧЕД МЕ МАЛТРЕТИРАШЕ 4 ГОДИНИ, ВИКАШЕ СУДИЈАТА ЛАЗАР НАНЕВ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОРАТА ПРЕТСТАВКА ЗА НЕГОВО РАЗРЕШУВАЊЕ

    ВЕСНА ДАМЕВА МЕ МРАЗИ ОТИ СУМ УСПЕШЕН, НЕЈЗИНИОТ БРАТУЧЕД МЕ МАЛТРЕТИРАШЕ 4 ГОДИНИ, ВИКАШЕ СУДИЈАТА ЛАЗАР НАНЕВ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОРАТА ПРЕТСТАВКА ЗА НЕГОВО РАЗРЕШУВАЊЕНанев кажа дека долго време бил најдоброрангиран судија со недостижен број на бодови и со недостижна успешност, а кавадаречкиот Основен суд станал светски познат суд додека бил под негово водство (Фото:СДК.МК)

    Судијата и поранешен претседател на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев, по иницијативата од минатата година за разрешување поради сомневање за соработка со обвинет кому подоцна му дал ослободителна пресуда, доби нова, и тоа од претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

    На седницата за изнесување докази денеска во Судскиот совет на моменти толку многу викаше судијата, што Дамева се пожали и праша дали ќе стане и можеби ќе ја удри.

    Не ти викам тебе Весна, туку така зборам. Десет години работев во полиција и давав наредби, така сум навикнат. Мојот стил е таков, јас не можам да зборувам потивко“, рече Нанев и додаде дека неговата супериорност и квалификациите не оставаат простор тој да чита однапред спремен говор, туку да зборува природно и со природен тон.

    Дамева барањето за разрешување го поднела поради два писмени поднесока до Судскиот совет во кои тој без да наведе докази, напишал навреди, омаловажувања со недостоен и уличарски говор, ја омаловажувал неа, како и друг член на Советот, ја обвинувал дека работи незаконски без тоа да го поткрепи со некаков аргумент, насочувал членови на Советот како да дискутираат и како да гласаат за негово унапредување, но и за изнесени критики против него, сакал да воведе цензура на членовите на Судскиот совет и друго.

    Во денешната одбрана пред комисијата во Судскиот совет, судијата Нанев кажа дека Весна Дамева го мрази, го дискредитира кај што ќе стигне и користи омаловажувачки речник за него кога аплицира за унапредување.

    Манипулира за некакви мои недоличности, дека сум нарушувал некаков углед на Основниот суд Кавадарци, без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд во државата и дека стана светски познат суд. Дамева пред секого пишува титули: магистер тој, магистер овој, само пред моето име не става ‘професор доктор’. Не може да се соочи со моето си-ви од 30 страни, со мојот успех како судија, ни со успешноста на работата на кавадаречкиот суд под мое водство. Таа не поднесува успешни судии“, кажа Нанев.

    Тоа што бев прворангиран судија во резултати, со недостижен број на бодови и недостижни квалификации, таа не го спомнува“, се пожали тој во долгиот говор.

    Дамева образложи зошто го поднела барањето за одговорност на судијата Лазар Нанев.

    Прво, на сериозно недоличичен и недостоен начин со намера да ме дискредитира, омаловажи и понижи како член на Судскиот совет во мојата работна средина, изнесе обвинувања за наводно мое незаконито постапување. Второ, упати сериозни критики во врска со работата, односно постапување на друг член на Советот, кој одреден период беше координатор за следење на работата на Основниот суд Кавадарци. Трето, се обиде да наметне цензура и да спречи слободно одлучување во Судскиот совет, со намера да влијае врз постапувањето и одлучувањето на одредени членови на Советот. Ги упатува како во идни дискусии да се воздржуваат од тоа слободно да го кажат мислењето за него, и како да гласаат, ако не е во негова корист“, кажа Дамева.

    Таа смета дека со тоа, односно со овие дописи, судијата Лазар Нанев кој тогаш беше претседател на Судот во Кавадарци, го нарушил угледот на судот и на функцијата која ја извршува.

    Со вокабуларот, малициозен и дрзок, недоличен, тој ја загрози судиската функција. Ако правата му биле скратени, требало да реагира преку постапка, според законските прописи. Тој изнесе навреди и критики кон членови на Судскиот совет. Мене ме обвини дека сум изнесувала доверливи податоци на лице во бегство. Но не го докажува тоа. Ова барање за одговорност никако не значи де Советот нејќе да слушне критика или замолчување на судијата. Напротив. Секој сака да слушне критика. Но тој испрати омаловажување, дискредитација, навреди и мешање во работата на Судскиот совет“, рече подносителката на претставката.

    Нанев кажа дека четири години, или вкупно 4.000 часови, бил малтретиран од нејзиниот братучед Љупчо Грков од Лондон, кој бил во бегство, а го осудил тој лично. На социјалните мрежи му се заканувал нему и на семејството, за што Нанев пријавил и добил заштита.

    Неспорно е дека член на Судскиот совет е во роднински врски со тоа лице кое е во нарушени односи со судијата Нанев. Неспорни се фактите дека тоа лице пишува и се заканува на Фејсбук на судијата. Меѓутоа, сите овие обвинувања за изнесување доверливи податоци од Судскиот совет од моја страна за постапка за ова лице, судијата треба да ги докаже. Сите обвинувања треба да ги докаже. Во спротивно, се смета дека сторил потешка повреда на службената функција. Сочувствувам со судијата за тоа дека Љупчо Грков му ја загрозува безбедноста нему и на семејството. Со ова лице кое не го избрав јас за роднина, јас и семејството сме прекинале комуникација уште во 2017 година“, рече Дамева.

    Невистинити се неговите наводи дека тоа лице на социјалните мрежи изнесувало доверливи податоци. Не кажа кои се тие доверливи податоци и кој член на Судскиот совет ги изнел на тоа лице. Тоа докажува со колкава леснотија Нанев гледа на судиската и на функцијата член на Судскиот совет. И да било така, бил должен вакво нешто да пријави кај надлежните органи: Изнесување на доверливи податоци! Да не прикривал? Затоа што тврдеше дека тоа лице 4 години изнесувало доверливи податоци, тоа се зборовите на судијата“, бараше таа аргументи од Нанев за обвинувањата што ги изнел.

    Тој во дописите навел и дека исчезнал изготвен извештај од архивата на Судскиот совет, без да каже кој му кажал такво нешто.

    Не ги докажа ни овие наводи. Упати навреди против колешката Павлина Црвенковска која беше координатор и контролор на работата на Основноиот суд Кавадарци. Во дописот пишува и за обвинителот на Кавадарци, дека била нестручна. Пишува и за новинарите кои пишуваат за постапките против него, дека биле платеници. Судија не смее да си дозволи вакво нешто против седмата сила и против јавноста. А ако имал докази за тоа, имал обврска да го пријави пред надлежни институции“, рече Дамева.

    Нанев праша зошто една од телевизиите се нацртала право пред Основен суд Кавадарци, кога поранешниот министер за правда Кренар Лога му испрати инспекција за проверка на евентуални злоупотреби на средствата за дигитализација на судството.

    За убиство не одат да вршат директен пренос, за ова дојдоа во Судот во Кавадарци, и тоа по потврда на информацијата од некој член на Судскиот совет. Самата новинарка ми го кажа тоа“, се впушти Нанев и во анализа на работата на медиумите, односно на уредувачката политика.

    Против Нанев има и постапка за одговорност, зашто Обвинителството му извадило листинг со 95 телефонски контакти со обвинет во предмет кој го водел. Нанев досега не негирал дека имал телефонски повици кон обвинетиот Вачно Кузманов, сопственик и управител на фирмата „Анго Вест ДООЕЛ“. Тој бил обвинет за кривичното дело недозволено пренесување на акцизно добро. Во случајот добил ослободителна пресуда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира