ВИДЕАТА ОД АПСЕЊЕТО НА БОШКОСКИ ИСЧЕЗНАА ОД ИНТЕРНЕТ

    ВИДЕАТА ОД АПСЕЊЕТО НА БОШКОСКИ ИСЧЕЗНАА ОД ИНТЕРНЕТ

    Скопје, 29 март, 2016 (META) – Видео-инсертите и текстовите од новинарските прилози за апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, исчезнаа од интернет-страниците на телевизиите кои тогаш сензационалистички известуваа за настанот пред ресторанот „Воденица“.

    Вчера тимот на Катица Јанева соопшти дека отворила истражна постапка под името „Тортура“ против 7 лица за употреба на прекумерна физичка сила, вулгарности и закани врз Бошкоски.

    Со пребарување на интернет, насловите на овие написи се појавуваат, но кога ќе се кликне на нив тие водат или кон празни страници, или кон страници на кои се појавува одредена грешка која укажува дека содржината не постои, а во одредени случаи водат кон страници на кои се прикажани видео-материјали од денешни содржини, како на пример интернет-страницата на телевизија „Сител“.

    Видео-снимките од апсењето на Бошкоски можат да се најдат на видео-сервисот „Јутјуб“. Дел од видео-клиповите се поставени на канали на приватни корисници. Единствено на видео-каналот на „Прес 24“ се уште е достапна снимката од апсењето, но не и на официјалната интерент-страница на порталот.

    На видео-снимката на „Прес 24“ и на „Канал 5“ (на „Јутјуб“!) експлицитно е прикажно апсењето на Бошкоски, односно неговиот лик во ниту еден момент не е заматен.

    Обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, вчера посочи дека за разлика од „Титаник“ каде осомничените со „беспрекорна дисциплина дејствувале во насока јавноста да не дознае за манипулациите во избирачкиот список, а со тоа и во изборите и во самото гласање“, во „Тортура“ тие биле „живо заинтересирани целокупната јавност да ја види бескруполозноста на дел од полициските сили – алфи, во изведување на апсење на политички противник на партијата на власт, и која во тој период раководи со полицијата“.

    Јавна тајна е дека медиумските куќи, печатени и електронски, дента кога се апсеше Бошкоски добија дојава дека пред „Воденица“ ќе има голема акција. Во протечените прислушувани разговори тн. бомби, поточно во третата „бомба“ има и индиции за директно договарање меѓу првообвинетиот и еден уредник и еден сопственик на медиум околу начинот на известување за апсењето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари