ВИШ ОБВИНИТЕЛ ДРЖИ ПРЕДМЕТ ЗА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИ ОД НОЕМВРИ ЛАНИ, НЕ Ѝ ГО ВРАЌА НА АПЕЛАЦИЈА ЗА ДА ГИ СУДИ

    ВИШ ОБВИНИТЕЛ ДРЖИ ПРЕДМЕТ ЗА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИ ОД НОЕМВРИ ЛАНИ, НЕ Ѝ ГО ВРАЌА НА АПЕЛАЦИЈА ЗА ДА ГИ СУДИШеф на Скопското Вишо обвинителство е Мустафа Хајрулахи, а предметот со месеци е заглавен кај обвинителот Диљавер Бектеши. (Фото: Јутјуб/1ТВ)

    Вишото јавно обвинителство на Скопје го зароби предметот за првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ на казни затвор и од ноември лани не ѝ го дава на Скопска апелација.

    Шеф на Скопското Вишо обвинителство е Мустафа Хајрулахи, а предметот со месеци е заглавен кај обвинителот Диљавер Бектеши.

    Иако во законот има инструкциони рокови дека за предмет даден од Апелационен суд на мислење, Вишото обвинителство треба да одговори за еден месец, сепак, овде законот не се почитува. Од 13 ноември папката со целиот предмет Вишото не ја враќа назад и не дава мислење, поради што Апелациониот суд не може да закаже седница и да одлучи по жалбите како на обвинителката Фатиме Фетаи, така и на неправосилно осудените Алими и Гури.

    САКАМДАКАЖАМ.МК упати прашање до шефот Хајрулахи кога ќе биде дадено мислење за овој предмет, а воедно и да се врати назад во Апелација, но одговор не добивме. Хајрулахи не одговори ни на телефонскиот повик.

    „Предметот влезе во писарница на 12 ноември лани. На 13 ноември го испративме на мислење во Вишото јавно обвинителство. До денеска немаме одговор од Вишиот јавен обвинител што ќе го застапува обвинението пред нашиот суд“, ни изјавија од Апелациониот суд Скопје.

    Гури и Алими за фалсификување на изборни резултати во Чаир во корист на кандидатот за градоначалник од ДУИ на локалните избори во 2013 година, добија првостепени казни од по три ипол години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира