ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ БЕКТЕШИ ДОЗВОЛИЛ ВРАЌАЊЕ НА ПАСОШИТЕ НА ЕЈУП АЛИМИ И ИСМЕТ ГУРИ ОД ДУИ ОСУДЕНИ ЗА ИЗБОРНИ ИЗМАМИ, АПЕЛАЦИЈА НЕ ГО ПОСЛУШАЛА

    ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ БЕКТЕШИ ДОЗВОЛИЛ ВРАЌАЊЕ НА ПАСОШИТЕ НА ЕЈУП АЛИМИ И ИСМЕТ ГУРИ ОД ДУИ ОСУДЕНИ ЗА ИЗБОРНИ ИЗМАМИ, АПЕЛАЦИЈА НЕ ГО ПОСЛУШАЛААлими и Гури исто така се жалат на затворските казни, тие бараат ослободителна пресуда или враќање на судењето отпочеток. - Ејуп Алими; Исмет Гури (Фото: СДК.МК)

    Првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ не успеале да си ги земат пасоштите од Основниот кривичен суд, иако имале помош за тоа од обвинител, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.  И покрај тоа што вишиот јавен обвинител Дилавер Бектеши препорачал да им се вратат пасошите, апелационите судии не го послушале, гласале спротивно на препораката.

    „Точно е дека советот пред околу два месеца одлучуваше по жалба за укинување на мерката одземање на патни исправи на обвинетите Гури и Алими. Вишиот јавен обвинител дозволи да им се вратат, но судот одлучи поинаку, сепак го има последниот збор”, е официјалниот одговор што го добивме оттаму.

    Обично обвинителите се тие кои не дозволуваат да се укинуваат и ублажуваат изречени мерки за обезбедување присуство на обвинети, а судот знае да попушти и да одлучи поинаку. Во овој случај е обратно.

    Последна за која јавноста дозна дека на обвинет или осомничен за високопрофилен криминал препорачува да му се врати пасош, беше поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Таа препорача да му се врати пасошот на Орце Камчев, главниот осомничен во „Империја“ и сега таа е првостепено осудена на затворска казна и уште е во домашен притвор.

    Во досегашната пракса ретко се случува обвинител да дозволи враќање на пасоши на обвинети, а судот да одлучи спротивно и ова е навистина редок пример, велат од Обвинителството и од Апелациониот суд Скопје.

    Бектеши работел во полиција кога бил избран за член на Советот на јавни обвинители во 2013 година од Собранието, кое тогаш го водеа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Уште на незавршен мандат беше избран од колегите во Советот за виш јавен обвинител во Скопје.

    Напишана уште летото, жалбата против изречените затворски казни против Ејуп Алими и Исмет Гури од  ДУИ за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 3“, за кои обвинителката Фатиме Фетаи смета дека се неоправдано под законскиот минимум, уште не е на дневен ред на одлучување во Апелациониот суд Скопје. Причината е што сè уште Вишото јавно обвинителство, кое ќе го застапува натаму предметот, уште не испраќа мислење пред Апелација.

    Алими и Гури исто така се жалат на затворските казни, тие бараат ослободителна пресуда или враќање на судењето отпочеток.

    „Предметот влезе во писарница на 12 ноември лани. На 13 ноември го испративме на мислење во Вишото јавно обвинителство. До денеска немаме одговор од Вишиот јавен обвинител што ќе го застапува обвинението пред нашиот суд“, изјавија вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК од Апелациониот суд Скопје.

    Гури и Алими за фалсификување на изборни резултати во Чаир во корист на кандидатот за градоначалник од ДУИ на локалните избори во 2013 година, добија првостепени казни од по три ипол години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира