ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ БЕКТЕШИ ИЗБЕГА ОД ЈАВНА СЕДНИЦА ВО АПЕЛАЦИЈА ЗА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ НА АЛИМИ И ГУРИ ОД ДУИ

    ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ БЕКТЕШИ ИЗБЕГА ОД ЈАВНА СЕДНИЦА ВО АПЕЛАЦИЈА ЗА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ НА АЛИМИ И ГУРИ ОД ДУИВишиот обвинител Бектеши вчера за седницата која требаше во Апелациониот суд да биде јавна, напишал мислење со кое повторно не застана зад обвинителката Фетаи, која со колегата Бубевски го застапуваше обвинението против Алими и Гури од ДУИ. - Ејуп Алими; Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    По 8 месеци држење кај себе и невраќање на предметот кај Апелациониот суд, вишиот обвинител Диљавер Бектеши одлучи да не се меша во својата работа и пред самиот почеток на закажаната јавна седница по жалбите на обвинителката Фатиме Фетаи и осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ даде негативно мислење за двете жалби – писмено.

    Вчера апелационите судии беа дојдени да одржат јавна расправа по жалбите за првостепената пресуда за изборен фалсификат во „Титаник 3“, кога САКАМДАКАЖАМ.МК влезе и начека празна судница. Ни Бектеши, ни осудените, а ни адвокатите не беа дојдени.

    Претседателот на кривичниот совет Јани Нича ни кажа дека јавната седница се одлага, зашто обвинетите се премислиле.

    Пред закажаната јавна расправа (11 часот), првин во 9.35 часот на пријавница дошле адвокатите на Ејуп Алими и на Исмет Гури и побарале за нивните жалби да се одржи нејавна, затворена седница. Во барањето навеле дека не сакаат да присуствуваат ни на нејавната расправа.

    Кратко време по нив, стигнало мислењето на писмено и од вишиот јавен обвинител Диљавер Бектеши, кој на 18 март, демантирајќи дека испратил мислење за жалбите во „Титаник 3“, рече дека усно ќе го каже, на јавна седница на 26 март.

    Освен што сам си го демантираше демантот од минатиот месец, нејасно е зошто вишиот обвинител не дојде вчера на седницата во 11 часот и усно да го каже мислењето како што најави на 18 март. Како знаел Бектеши дека обвинетите ќе се премислат и ќе се откажат од барањето за јавна расправа за нивните затворски казни за да седне набрзина, да го напише мислењето и да го испрати до Апелација за неполн час?

    Апелационите судии не го коментираа премислувањето на Бектеши, Алими и Гури во последен момент. Ја констатираа најновата ситуација, ни кажаа оти седницата поради ова се одлага и оти ќе донесат одлука на нејавна седница.

    Бектеши вчера за седницата која требаше во Апелациониот суд да биде јавна, напишал мислење со кое повторно не застана зад обвинителката Фатиме Фетаи, која со колегата Гаврил Бубевски го застапуваше ова обвинение. На седницата која се одложи, судиите го прочитаа мислењето:

    „Вишиот обвинител Диљавер Бектеши го извести кривичниот совет во Апелациониот суд Скопје дека е против жалбите на странките во постапката“.

    Фетаи поднесе жалба против првостепените пресуди од по три ипол години за Алими и Гури. Наведе дека тие се прениски, зашто за делото за кое се обвинети, најниската казна е 5 години затвор и дека Основниот кривичен суд не навел никакви издржливи аргументи за олеснителни околности со кои отишол многу пониско од пропишаните најмалку 5. Алими и Гури, пак, со жалбите бараат ослободителни пресуди.

    Не е првпат Бектеши за овој случај да постапи спротивно на праксата на вишите обвинителства да го поддржат и да го бранат првостепениот обвинител, во случајов Фетаи. Во ноември лани испратил мислење до Апелациониот суд Скопје со кое препорачува пасошите на овие двајца осудени, да им се вратат.

    „Точно е дека советот пред околу два месеца одлучуваше по жалба за укинување на мерката одземање на патни исправи на обвинетите Гури и Алими. Вишиот јавен обвинител дозволи да им се вратат, но судот одлучи поинаку, сепак го има последниот збор”, беше официјалниот одговор што го добивме тогаш од Апелација.

    Гури и Алими беа осудени за фалсификување на изборни резултати во Чаир во корист на кандидатот за градоначалник од ДУИ на локалните избори во 2013 година, земајќи по од малубројните гласови на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со која ДУИ тогаш беше во коалиција, префрлувајќи ги кај тој на ДУИ, толку колку за да го победи тој на ДПА.

    Апелациониот суд по долго чекање одговор од Бектеши, конечно може да закаже нејавна седница и да одлучи по жалбите на Фетаи од една и на Алими и Гури од друга страна.

    Фатиме Фетаи денеска ќе даде заклетва како виш скопски обвинител и ќе му биде колешка на Бектеши

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира