Вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски побара целосна истрага и одговорност за запленет путер со поминат рок на употреба. Вечерва, тој на Фејсбук се пофали дека во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е пронајден и запленет 4,5 тони путер со рок на употреба до 2019 кај операторот Евро Млекара ДООЕЛ Скопје.
„Производот е повлечен од пазарот. Заштитата на граѓаните и нивното здравје се на прво место. Повикувам на целосна истрага и одговорност“, вели Николовски.
Вицепремиерот Николовски вчера соопшти дека Владата е влезена во бескомпромисна и неселективна борба со корупцијата на сите нивоа.
Владата на седницата одржана на 8 март одлучи да спроведе едукативна и информативна кампања за справување со корупцијата бидејќи смета дека е „од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи“.
М. ИЛИОСКИ