1 По 35 години од прогласувањето независност, гледаме дека државата ни се претвори во елементарна непогода.
Не ни пречи дека ни е загадена почвата. Не ни пречи дека ни е загаден воздухот. Сега веќе не ни пречи и дека ни е загадена водата. Дека не ни се сигурни дискотеките, автобусите, болниците, жичниците, градилиштата, фабричките мензи… Дури и парите што сме ги тргале за старост во задолжителниот приватен пензиски фонд не ни се сигурни.
Сведени сме на голо преживување од ден за ден, оти партиите од државата ни направија катастрофа со која очигледно не можеме да се справиме.
2 Ова што се случи со Гостивар, каде од вода загадена со гомна се разболеа над 3.200 луѓе, не го поправа никаков пи-ар. Загадувањето е по налог на директори и раководители што се ставени на работа по партиска заслуга. Стручњаци со дипломи кои, за да го зголемат притисокот на питка вода, ставиле пумпи да црпат вода од Вардар и ги заборавиле 22 дена. Па кога виделе дека ја загадиле водата со фекалии, за да скријат ја дозагадиле со премногу хлор. Сигурно биле вработени според балансерот за правична застапеност, па така ја избалансирале и водата.
Ова покажува и какви кадри ни излегуваат од квазифакултетите на кои магистрираат и докторираат надежните и лојални партиски кадри за вработување „на државно“. Во кое одделение се учи дека гомната не се јадат и пијат? Па после, со купените дипломи се занесуваат дека ги бива за сѐ што партијата во пазарењето ќе испазари како директорско место.
А тоа дека за водоводот во Гостивар била дадена странска донација, тоа е веќе друг муабет. Каде завршиле парите, ако пак нема доволно притисок за водоснабдување?
Така што, сѐ си е на свое место. Неспособни партиски глупаци, во комбинација со уништено образование, странски донации, корупција, балансер за вработување по етничка линија… И згора на тоа, премиер кој зборува само за убави работи, па дента кога болницата во Гостивар изброи над 3.000 заболени, тој отиде да ги почне работите на патот од Дорутовец-Челошево, село со 200 жители. И опозиција кај партиите на Албанците, која дента кога се дознаа размерите од масовното труење на водата во Гостивар реагираше дека на еден неписмен билборд на влезот во Скопје го немало албанскиот јазик. Оф, леле… Болеста во Гостивар двојазична ли е?
Налет и билборд и двојазичност. А бе сите ние, и Македонците и Албанците и сите што сме во Преамбулата и сите што сакаат да влезат во Преамбулата, не само на македонски и на албански јазик, туку ако треба со мафтање со раце и со нозе да се разбереме, само да се спасиме од оваа елементарна непогода што нѐ снајде. Па не останаа белким само глупаци овде, заедно со подлизурковците од најниско до највисоко ниво?
Доцна е веќе. Партиите се испикани во сите дупчиња. Во секоја пора од општеството се влезени. Вети им некое работно место, малку некоја јавна набавка, некое членство во управен одбор, малку тендерче, малку одморче со споен викенд на државна плата, заврши им факултет со врски, признај им купена магистратура и сертификат за странски јазик…
Ние како НАТО земја не треба да се плашиме толку од терористички напад на критичната инфраструктура од странство, колку што треба да се плашиме од напад од внатре, од партиска неспособност.
Супер им е на партиите сѐ додека имаат гласачи што се спремни и да пијат од загадената вода, како што пред неколку години пиеја вода од загаденото Дојранското Езеро по налог на партијата.
Утре да има избори, пак ќе ги гласаат. И пак ќе нѐ фаќаат на кондиција. Како што ги фаќаат несреќните родители на загинатите деца во кочанската дискотека. Како роднините на загинатите во автобуските несреќи кај Ласкарци во 2019 и во Бугарија во 2021. Како изгорената модуларна ковид-болница во Тетово во 2021.
А Стајковци во 2016? Ги памти ли државата, освен роднините, 22-те жртви на неисчистените канали?
А Шипковица во 2015, со четири жртви од порој. Ехее, колку дрва после тоа се исекоа на Шара? Колку дивоградби се направија, колку водотеци се затрупани со ѓубре и градежен шут?
Се чудиме што само дваесетина души излегле на протест во Гостивар. Ама ужасната вистина која нѐ тресна од земја уште лани, со 63-те жртви во Кочани, е дека изгледа мина времето за буна и протест во Македонија.
Граѓанскиот живот ни е сведен само на голо преживување. Сега е – спаси се кој може. Баш како при елементарна непогода.
3 Имам разбирање зошто гостиварци не излегуваат на протест. Сигурно се премалени и дехидрирани од болеста. Ама, навистина не ми е јасно како никој од здравите луѓе низ цела држава не се загрижи дека државата им краде од парите што ги тргаат во вториот пензиски фонд. Особено што и премиерот им кажа дека идните пензионери нема да бидат задоволни од пензиите.
Пред десетина дена имаше труење во менза во една штипска фабрика. Работниците најавија дека ќе протсетираат со тивок бојкот. Како ќе бојкотираат? Нема да јадат од фабричката менза, туку ќе си носат храна од дома.
Ова како во вицот кога премиерот го собрал народот да му каже дека „од утре, сите до еден ќе ве бесиме тука на плоштадот!“ Сите молчат, а еден од похрабрите крева рака и прашува: „А извинете, јажето за бесење сами ли да си го купиме, или синдикатот ќе ни го обезбеди?“.
И ете уште еден повод да зборуваме за убави работи и „како никогаш досега“ достигнувања. Наместо поддршка за самовработување, Владата може да дава грантови за јажиња.
4 Туку, ај како добри комшии и партнери во НАТО, да ја предупредиме Грција на време да го активира европскиот заштитен механизам при елементарни непогоди. Кога ќе тргнат сите оние пластични шишиња од Гостивар низ Вардар, ќе им направиме брана на устието во Егејско Море.
И така, наше ќе биде и Солунско Поле.
5 Само за убави работи да зборуваме. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека „значаен дипломатски успех за нашата земја, кој е производ на координирана државна акција претводена од премиерот Мицкоски“ е тоа што УНЕСКО го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност.
Ете, и УНЕСКО им даде уште 5 години на партиите здружено да го доуништат Охрид. За во иднина да имаме една секирација помалку.
И така, одбележувајќи 35 години независност, да забележиме дека и УНЕСКО придонесе македонската држава да стане елементарна непогода.
AUDIO PODCAST



