„ВИЗЕР“ ГИ УКИНА ЛЕТОВИТЕ ОД СКОПЈЕ ДО КЕЛН, КОПЕНХАГЕН И СТОКХОЛМ

    „ВИЗЕР“ ГИ УКИНА ЛЕТОВИТЕ ОД СКОПЈЕ ДО КЕЛН, КОПЕНХАГЕН И СТОКХОЛМЗасега нема информации дали повторно овие линии ќе бидат пуштени на пролет.(Фото: СДК.МК)

    Унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ од вчера, кога стапи на сила зимскиот распоред на летање, укина три авиолинии од Скопскиот аеродром. Веќе нема летови за Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста.

    На сајтот на авио-компанијата повеќе ги нема овие дестинации и не можат да се купат карти. Нема информации дали повторно овие линии ќе бидат пуштени на пролет со летниот ред на летање, иако засега ги нема во резервациониот систем. 

    „Визер“ сосема се повлекува од Келн поради високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата ќе ги зголеми фрекфенциите од Скопје за Дортмунд, па така во ноември и декември ќе има летови по шест пати неделно, а во шпицот околу Нова година и Божиќ ќе лета секој ден до овој град во Северна Рајна Вестфалија. 

    На патниците што летаа за Копенхаген во Данска, сега им останува можноста да летаат до соседниот аеродром Малме во Шведска, но засега „Визер“ не го има зголемено бројот на летови. Стокхолм останува непокриен за патниците што досега летаа до главниот град на Шведска. 

    Од 29 ноември од Скопскиот аеродром се укинува и летот Скопје – Сараево кој го одржуваше грчката авио компанија „Ејџијан“ преку нејзината подружница „Олимпик“. Грчката компанија го задржа летот Скопје – Атина, кој наместо досега пет пати, зимава ќе се одржува три пати неделно.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во петокот кажа дека со субвенции од Владата догодина се воведуваат нови четири авиолинии од Скопскиот аеродром. Унгарската „Визер“ доби субвенции за Барселона, Лион и Штутгарт и летовите ќе почнат од 30 јуни, додека „Флај Дубаи“ од март го враќа летот до Дубаи.

    Од Охридскиот аеродром ќе почне да лета “Туркиш ерлајнс“ до Истанбул четири пати неделно, а „Визер“ го враќа летот до Базел. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира