„Визер“ ќе ги укине летовите Скопје-Луксембург и Скопје-Болоња од средината на јануари до средината март, како дел од намалување на капацитетот на мрежата на авиокомпанијата поради глобален проблем со моторите на „Прат и Витни“.
Како што обајви специјализираниот веб сајт „Екс-Ју авијација“, „Прат и Витни“ прави контрола на квалитетот на моторите вградени во стотици авиони ширум светот, кои што треба да бидат отстранети и испитани.
Па така, „Визер“ ќе релоцира два од шесте авиони со база во Скопје во овој период. Дополнително, ќе биде намалена фреквенцијата на други летови од Скопје, а најпогодени ќе бидат дестинациите Базел и Меминген.
Летот Скопје-Луксембург беше воведен минатиот месец.
„Визер“ годинава доби државни субвенции за летовите до Љубљана, Штутгарт, Луксембург и Салцбург, финансиската поддршка е 7 евра по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје. Субвенции доби и „Луфтханза“ за една авиолинија, од Скопје до Франкфурт. Договорите со авиокомпаниите се на три години, за што од буџетот се предвидени 5 милиони евра.