Од 18 неамнестирани обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, денеска на вкупно 211 години затвор беа осудени 16. Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“, доби ослободителна пресуда, додека за обвинетиот Сашо Марковски се води одвоена постапка поради болест.
Најголема казна доби ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години затвор. По 15 години затвор добија Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Влатко Трајковски. Помали казни добија Абдуљфета Алими (7 години) и Александар Василевски Нинџа (8 години).
15 од осудените се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година и еден е за помагање на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Кога почна процесот, обвинети беа 33-ца, меѓу нив и сега амнестираните пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски, како и водачите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски, кои, исто така, беа амнестирани.
Пред изрекување на пресудата, судијката Кацарска поединечно спомна кој од обвинетите каков удел имал и какво насилство извршил во организираниот напад на Собранието.
За нарачателите на нападот на Собранието на 27 април 2017 има отворено нова истрага Обвинителството за организиран криминал, а осомничени се: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА