ВЛАДАТА БАРА ФОРМА ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ КАРАКАМИШЕВА ОД ВЕНЕЦИСКАТА КОМИСИЈА

    ВЛАДАТА БАРА ФОРМА ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ КАРАКАМИШЕВА ОД ВЕНЕЦИСКАТА КОМИСИЈАПрв од реформските закони што ги предлага премиерот Зоран Заев до Собранието, е Законот за јазиците и тој воедно е првиот предлог-закон кој ќе се најде на проценка во Венециската комисија. - Каракамишева на прием кај претседателот Ѓорге Иванов како дел од „Граѓанска иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование" во јануари 2015 година (архивска фотографија)

    Владата бара форма како да ја повлече професорката од Правниот факултет Тања Каракамишева, која е претставник на Македонија во Венециската комисија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Каракамишева беше делегирана во Венециската комисија како правен експерт од претходната влада на Никола Груевски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК официјално ја праша Владата дали професорката, која во јавноста се истакна како отворен партиски поддржувач, ќе биде повлечена од ова тело на правни експерти, или тело за легислатива во Советот на Европа.

    „Владата во овие два и пол месеци од работењето, покажа дека го слуша и има разбирање за гласот на јавноста во Македонија. Во оваа насока, до Владата допреа исто така и критиките на јавноста за лицето за кое прашувате. Во наредниот период сериозно тие критики ќе ги разгледаме и ќе ја информираме јавноста“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

    Каракамишева беше испратена како наш претставник во Венециската комисија на 28 јануари минатата година, на местото на професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска. Силјановска тогаш сподели со јавноста дека неа Владата воопшто не ја известила дека по завршувањето на вториот мандат во Комисијата, ќе биде повлечена. Дека нејзиниот ангажман и работа во Комисијата престануваат, била информирана од Венециската комисија.

    Членовите имаат 4-годишен мандат. Во статутот на Комисијата пишува дека член на Венециската комисија може да бидат сменет само ако си поднесе оставка или ако Комисијата утврди дека тој не е веќе способен или квалификуван да ја врши функцијата.

    Именувањето на Каракамишева не беше спорно околу нејзината стручност, туку бидејќи во статутот на Венециската комисија го пишува следново:

    „Комисијата ќе биде составена од независни експерти кои имаат значајни достигнувања преку нивното искуство во демократски институции или со нивниот придонес во подобрување на правото и политичките науки. Членовите на комисијата работат самостојно, во лично својство и не смеат да прифаќаат никакви инструкции“.

    Оваа одредба уште пред една година и седум месеци, кога беше делегирана во Комисијата како претставник на Македонија, отвори сомнежи за нејзиниот избор, бидејќи отворено ја поддржуваше тогашната владејачка партија. Ја поддржува и денеска, како партија во опозиција, преку колумни и јавни настапи.

    Таа беше и остана најистурен бранител на законските проекти на експремиерот Никола Груевски, кои беа предмет на проценка во Венецијанската комисија.

    Прв од реформските закони што ги предлага премиерот Зоран Заев до Собранието, е Законот за јазиците и тој воедно е првиот предлог-закон кој ќе се најде на проценка во Комисијата од формирањето на новата Влада.

    Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, составено од експерти од областа на уставното право и има задача да им помага и да ги советува земјите за подобрување на функицонирањето на демократските институции и заштитата на човековите права.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира