Владата бара начин како да ги исполни барањата на Турција за затворање на фирми и училишта поради нивната наводна поврзаност со Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за обидот за пуч минатиот месец. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека се бараат правни механизми за да се даде поддршка на легитимно избраните институции во Турција.
„Ние даваме силна поддршка на легитимно избраните институции во Република Турција, а прашањето што вие го упатувате претпоставува соодветна операционализација и веројатно ќе се бараат правни и законски механизми во Република Македонија за реализирање на определени цели. Тоа значи дека се бараат правни механизми како да дадеме поддршка на владината политика на Турција“, изјави Чавков.
Пред два дена и министерот за надворешни работи Никола Попоски потврди дека владата усвоила мерки за ова барање на Турција, но не прецизираше какви.
На списокот кој го објави агенцијата „Анадолија“ се наоѓаат училиштата „Јахја Кемал“, весникот „Заман“, како и неколку организации и фондации за кои турските власти тврдат дека се поврзани со Фетулах Ѓулен.
Директорот за односи со јавност на „Јахја Кемал“ Суреа Таук изјави дека школата е македонски бренд, се бави исклучиво со наука, а не со политика.
„Ги отфрламе сите шпекулации дека сме поврзани со некаква организација. Имаме пет сопственици од Турција кои се занимаваат исклучиво со образование, еден од Германија и еден од Македонија. За жал во незгодно време се појавија шпекулациите, ние на нашата фејсбук страница и веб-портал им гарантиравме на учениците и родителите дека сме спремни успешно да ја стартуваме школската година. Учениците и родители вчера беа видно вознемирени, но ние им кажавме дека нема простор за страв и паника. Имавме инспекциски надзор во седум области од образованието и го поминавме со највисока можна оценка – 4.00.Тоа е доволен доказ за нашата професионалност и посветеност во образовниот процес“, вели Таук.
Претседателот Ѓорге Иванов вчера беше во работна посета на Турција по покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а присуствуваше и на свеченото отворање на третиот мост над Босфор, Јавуз Султан Селим.