ВЛАДАТА ДОНЕСЕ УРЕДБА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ДА ПОЧНЕ ДА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ

    ВЛАДАТА ДОНЕСЕ УРЕДБА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ДА ПОЧНЕ ДА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИНа денешната владината седница донесена е Уредба со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден да достави до Државната изборна комисија листа на граѓани кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите и список на оние кои поднеле барање за нова лична карта. Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. (Фото: СДК.МК)

    Владата донесе Уредба со која се наложува Државната изборна комисија (ДИК) да почне да се подготвува за организирање на парламентарните избори. На денешната владината седница, донесена е  Уредба со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден откако уредбата ќе стапи на сила, да достави до Државната изборна комисија листа на граѓани кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите и список на оние кои поднеле барање за нова лична карта. Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

    Од Владата велат дека единствен кој гласал против оваа уредба бил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

    Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа Уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

    „Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик. Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик“, велат од Владата.

    Со оваа уредба Министерството за здравство е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

    В сабота истекува вонредната состојба, а до петок ќе се знае дали Владата ќе побара продолжување. За датум за изборите нема меѓупартиски консензус, а предлогот на СДСМ е да се одржат на 5 јули.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира