ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ, МОН ВЕЛИ СЛЕДИ ЈАВНА ДЕБАТА

    ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ, МОН ВЕЛИ СЛЕДИ ЈАВНА ДЕБАТАПредлог-законот ќе се врати во Собрание по сеопфатната јавна расправа, велат од МОН. (Фото: СДК.МК)

    Владата вчера го повлече од Собранието Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование, но Министерството за образование и наука (МОН) вели дека ќе биде ставен на јавна дебата, по што ќе биде доставен до Собранието. Според МОН, ова законско решение меѓу другото предвидува и  сите граѓани да имаат можност да изберат печатени или дигитални учебници.

    Од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ вчера на нивната фејсбук страна објавија допис од спикерот Талат Џафери со кој ги известува дека Владата го повлекла Предлог-законот поднесен на 29 април и со тоа нивното барање за „предлог-референдум за изјаснување на волјата на граѓаните е беспредметно”.

    Од МОН за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Предлог-законот ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно – образовен процес.

    „Потоа конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собранието. МОН продолжува со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение. Наставата ќе се имплементира согласно новата Концепција и по нови материјали за учење кои ќе дадат подобри резултати по однос на знаењето на учениците“, додаваат од МОН.

    Новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни, се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата, додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија.

    „Во постапка е набавката на 10 илјади таблет компјутери, а се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта, кои се за погорните одделенија, но важно е училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години“, велат од кабинетот на министерката Мила Царовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира