ВЛАДАТА И УПОЗ ПОСТИГНАА ДОГОВОР, 11.000 АДМИНИСТРАТИВЦИ ДО 2028 ЌЕ ИМААТ ЗА 40 ОТСТО ПОВИСОКА ПЛАТА

    ВЛАДАТА И УПОЗ ПОСТИГНАА ДОГОВОР, 11.000 АДМИНИСТРАТИВЦИ ДО 2028 ЌЕ ИМААТ ЗА 40 ОТСТО ПОВИСОКА ПЛАТАНад 10 милиони евра годишно ќе треба да се обезбедат во буџетот на државата за исплата на покачените плати на дел од администрацијата. (Фото: Влада)

    Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа договор за зголемување на платата на околу 11.000 административци. Како што беше кажано на денешната прес-конференција во Владата, до 2028 година платите на овие вработени ќе се зголемат за 40 отсто.

    „После година и половина преговори и барања на синдикатот на УПОЗ, постигнавме договор со Владата. За 11.000 вработени ќе се потпишуваат годишни колективни договори, по што ќе имаат методологија за покачувања на платата“, рече претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски.

    Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со овој договор ќе бидат опфатени вработените во администрацијата, судовите и во обвинителствата.

    „Над 10 милиони евра годишно ќе треба да се обезбедат во буџетот на државата за исплата на покачените плати. Ние како Влада нашиот дел го завршивме, сега очекувам поголема ефикасност на администрацијата и јас секој месец ќе го мерам тоа. Ако ние сме покачиле плати, сега и администрацијата треба да го подобри квалитетот на услуги што ги дава на граѓаните“, рече Мицкоски.

    Мицкоски кажа дека општиот колективен договор е истечен и Владата е подготвена да седне на маса со синдикатите и да донесе нов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира