ВЛАДАТА ИМА ИДЕЈА ДА ВОВЕДЕ ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛНИ ЛЕТОВИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ НА МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ВО СКОПЈЕ

    ВЛАДАТА ИМА ИДЕЈА ДА ВОВЕДЕ ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛНИ ЛЕТОВИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ НА МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ ВО СКОПЈЕГодинава Здружението на контролори на летање слави 30-годишен јубилеј од членството во IFATCA. (Фото:СДК.МК)

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска на Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Здружението на контролори на летање на Македонија, што се одржува за првпат кај нас, кажа дека Владата размислува за воведување на интерконтинентални летови.

    Идејата е од Меѓународниот аеродром Скопје да се организираат директни прекуморски интерконтинентални летови и тој да биде единствен таков аеродром во регионот.

    „Веќе почнавме да работиме на тоа и сметам дека е огромна амбиција, но ќе имаме голем бенефит од неа. Ќе биде од огромна важност за земјава, бидејќи имаме огромна дијаспора која сака да лета директно од Скопје, но исто така и за привлекување на нови туристи и тоа не само во земјава, туку и во регионот“, рече Николоски.

    Во врска со настанот, кажа дека контролата на летање е специфична професија која бара одлично образование и висока професионалност.

    „Мило ми е што Македонија има привилегија да биде домаќин на овој европски регионален состанок на Асоцијацијата за контрола на летање, на кој верувам дека ќе бидат изнесени нови искуства и практики во овој сектор. Највисоките стандарди мора да се применуваат во вашата професија, бидејќи не се дозволени грешки и не е дозволен никаков волонтеризам. Токму затоа ние сакаме да ги поддржиме нашите домашни, но и интернационални професионалци во овој сектор, рече Николоски на отворањето на Европскиот регионален состанок IFATCA ERM.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира