ВЛАДАТА ИМАШЕ ПРЕДИЗВИК, НО НЕМАШЕ ДИЛЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ ШЕЌЕРИНСКА ЗА ЗАМЕНИЧКА-ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА НАТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ВЛАДАТА ИМАШЕ ПРЕДИЗВИК, НО НЕМАШЕ ДИЛЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ ШЕЌЕРИНСКА ЗА ЗАМЕНИЧКА-ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА НАТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИДа се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата е навистина чест, рече Мицкоски. (Фото: СДК.МК)

    Kако Влада, имавме предизвик за одлуката кого и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји, рече премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера Радмила Шеќеринска беше избрана за оваа функција.

    „Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело, а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие“, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, откако вчера изостана официјална честитка од Владата и од Претседателката до Шеќеринска.

    Мицкоски рече дека за него националното единство и интересите се пред партиските интереси и дека е чест да се има Македонка за заменичка-генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата.

    „Затоа ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас националното единство и интересите се пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик-генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата е навистина чест. И тука немавме дилема, и добро е што успешно се заврши. Во текот на вчерашниот ден се слушнав со Радмила Шекеринска, разговаравме, и нема дилема дека треба заедно да соработуваме и треба да направиме се што е во наша моќ да помогнеме на македонската Армија, а со тоа да помогнеме и за безбедноста и сето она кое што им е потребно на македонските граѓани“, посочи Мицкоски.

    Тој додаде дека не е тајна дека во минатото „сме имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките, идеолошки разлики – и тоа не треба да го криеме, бидејќи доаѓаме од различни политички семејства и опции“.

    Вчера, генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за следна заменичка-генерален секретар. Шеќеринска беше министерка за одбрана во владата на Зоран Заев и во тоа време беше заменичка-претседател на СДСМ.

    „Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следна заменичка-генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се влезе во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, изјави Руте.

    Шекеринска претходно беше вицепремиерка за европски интеграции, а министерка за одбрана кога земјата влезе во НАТО во 2020. Таа ќе ја преземе функцијата подоцна годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира