ВЛАДАТА ИТНО ДА ГИ УКИНЕ ВИДЕОСПОТОВИТЕ ПРОТИВ АБОРТУС, ПОБАРА НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР

    ВЛАДАТА ИТНО ДА ГИ УКИНЕ ВИДЕОСПОТОВИТЕ ПРОТИВ АБОРТУС, ПОБАРА НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОРДа прекине практиката на поранешната влада, која потрошила три милиони евра на кампања против правото на жената на абортус, а 10 пати помалку пари за заштита на мајките и децата, порачаа учесниците на стручната расправа за измена на Законот за прекин на бременоста

    Постоечкиот закон за прекин на бременоста е ограничувачки и го крши правото на жената сама да одлучува за абортусот, покажа истражувањето на невладините ХЕРА и Центарот за репродуктивно здравје. Примерот на 36 годиншна скопјанка, која не ја добила здравствена услуга за прекин на бременоста во јавна и во приватна болница и поради неинформираност каде може да ја добие, била принудена да го роди детето, а потоа го дала на посвојување, според ова истражување е потврда за ригидноста и постоечкото законско решение.
    Министерството за здравство итно да го повлече правилникот за советување на бремената жена која одлучила да изврши абортус, кој беше донесен во октомври 2014 година и до донесување нов и нови законски решенија да се применуваат препораките на Светската здравствена организација. Ова е едно од петте барања на Платформата за родова еднаквост, која ја сочинуваат повеќе невладини организации.

    „Владата да донесе одлука со која трајно ќе се забрани емитување на видеоспотовите од кампањата против абортусот, а Министерството за здравство да формира работна група, која ќе направи измени на постоечкиот Закон за прекин на бременоста или ќе донесе нов. Во оваа работна група 50 отсто од учесниците да бидат од граѓанскиот сектор, како и од професионалните здруженија на гинеколози. При промена на законските решенија

    Министерството да обезбеди стручна ревизија од СЗО за да бидат во согласност со препораките за легален и безбеден абортус. Министерството заедно со граѓанкиот сектор да спроведе кампања за подигање на свеста за модерна контрацепција“, рече Снешка Илиќ, од невладината „Реактор“.

    Од ХЕРА велат дека нивните барања за промена на законската регулатива се должат на тоа што измените на Законот за абортус, кои беа донесени во 2013 година се ригидни и ограничувачки, и всушност жената не може сама да одлучува за ова прашање. Според нив проблематично е задолжителното писмено барање за абортус што треба да го поденесе жената, советувањето кое се изведува на начин да ја одврати од намерата, како и рокот од три дена по советувањето што треба да помине за да и биде одобрено или одбиено барањето.

    „Ова советување нема ефект, бидејќи место соодветна подршка и вистински совети, во пракса жените што одлучиле да абортираат се соочуваат со морализирање, ги нарекуваат убијци или дека веќе се доволно возрасни за да раѓаат. Примерот на 36 годишна жена која поради неинформираност не можела да ја прекине бременоста и го родила детето, а потоа била принудена да го даде на посвојување, бидејќи не можела материјално да си дозволи да го чува, најдобро ја илустрира неефикасноста на законот“, рече Драгана Дрнадревска од ХЕРА.

    Таа рече дека од заменик министерот за здравство Гоче Чакаровски добиле веување дека веднаш по локалните избори ќе почне процесот за измен на законската регулатива.
    Д-р Глигор Тофоски од Здружението на гинеколози, рече дека мора да прекине практиката на поранешната влада, која потрошила три милиони евра на кампања против правото на жената на абортус, а 10 пати помалку пари за заштита на мајките и децата. Според него освен советување пред абортусот согласно препораките од СЗО, треба да има и постабортусно советување за тоа како да се планира смејеството и за модерната контрацепција што може да се употреби.

    Според граѓанскиот сектор и според гинеколозите загрижувачки е податокот дека и покрај тоа што статистички бројот на абортуси опаѓа, се зголемува бројот на малолетничка бременост и тоа за пет отсто.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира