ТРГОВЦИТЕ МОРА ДА ПОСТАВАТ НАТПИС „ПОМАЛКУ ТРОШОЦИ, ПОВЕЌЕ ЗА ТЕБЕ“, ВЛАДАТА ЈА ОГРАНИЧИ МАРЖАТА НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ ДО 10 ОТСТО

    ТРГОВЦИТЕ МОРА ДА ПОСТАВАТ НАТПИС „ПОМАЛКУ ТРОШОЦИ, ПОВЕЌЕ ЗА ТЕБЕ“, ВЛАДАТА ЈА ОГРАНИЧИ МАРЖАТА НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ ДО 10 ОТСТОВладата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“. (Фото: Ѓ.Личовски)

    До 10 отсто ќе се ограничи маржата на основните прехранбени производи и во трговијата на големо и во трговијата на мало, одлучи Владата на денешната седница. На листата на производи се брашно, леб, пекарски производи, млеко, млечни производи, месо, преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, тестенини, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

    Како што соопшти на прес-конференција министерот за економија Бесар Дурмиши, на листата на основни прехранбени производи во таканаречената есенска кошница се вклучени 73 производи кои се најзастапени во потрошувачката кошница на граѓаните.

    „Ваквата одлука ја донесовме врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за индекс на трошоците за живот, кои покажуваат дека споредено на август 2024 со декември 2023, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4%, од кои најголемо зголемување има кај овошјето од 10,9%, кај млекото, сирењето и јајцата од 6,6%, кај зеленчукот од 3,9%, кај месото од 3,6%, и кај лебот и житата од 2%. За истиот период, трошоците за безалкохолни пијалаци се зголемени за 9,4%, од кои кај минералната вода и соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1%, додека кај кафе, чај и какао зголемувањето е од 7,7%“, рече министерот Дурмиши.

    Од Владата велат дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат.

    „Нашите проценки се дека со стапување на сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалаци ќе се намалат во просек за околу 10%, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалаци“, рече Дурмиши.

    Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

    Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од прибавените количини во месец август 2024 од овие производи на листата.

    Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе се применува до 31 октомври 2024.

    Дурмиши најави дека оваа мерка како есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе се применува како божиќна кошница, рамазанска кошница и велигденска кошница со ограничено времетраење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира