Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија, изјави поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров за Дојче веле на македонски јазик.
Тој тврди дека ако Владата го прифатила францускиот предлог за откочување на евроинтегративниот процес, ние ќе влеземе во бескрајна агонија на патот за ЕУ каде што Бугарија може да нѐ враќа назад на почеток во секој момент.
„Преговорите можат да се закочат во секој момент, не од Брисел, туку од Софија и од тоа колку е таа задоволна од тоа како на пример ги имплементираме измените во учебниците, вели Димитров и се прашува како Владата дозволила сето ова да стане дел од официјален предлог.
„Па или не сме знаела да објасниме, или не сме биле убедливи, или најстрашно – сме давале сигнали дека ќе помине сѐ“, вели Димитров.
Тој смета дека има три прашања што бараат политичка одговорност.
„Прво, како тоа Владата ќе се согласи во името на 2/3 мнозинство во Собранието да гарантира внесување на Бугарите во Уставот. Второ, како тоа македонската страна ќе прифати бугарско малцинство во Северна Македонија, кога бугарската страна уште има проблем со идентитетот на македонското мнозинство. Конечно, кога тоа се напуштила нашата црвена линија билатералните прашања да не станат дел од преговарачката рамка?“
„Затоа на овој предлог на ЕУ треба да ѝ се каже: Благодарам не! Ќе чекаме европски пристапен процес. Верувајте, подобро е и за вас и за многу други идни земји кандидати. Дотогаш, ќе си работиме дома“, вели Димитров за ДВ.
- СИТЕ БУГАРСКИ БАРАЊА, ОСВЕН НЕПОСТОЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЛЕГУВААТ ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА ЗА ЕУ
- И МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ДА ИМААТ СВОЈА ИЗЈАВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО ЕУ, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ