Премиерот Зоран Заев рече дека за разрешувањето на досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавко ќе се разговара на следната владина седница следниот вторник, кога треба да бидат именувани нов директор и во БЈБ и во Управата за безбедност и контраразузнавање. Околу распределбата на останатите државни функции Заев посочи дека имало лидерска средба по телефон и оти утре ќе има и состанок .
„Ние сме само тие што ги даваат насоките околу формирањето на работните групи и комисиите кои треба да носта одлуки за час поскоро да се номинираат функционерите што треба да ја преземаат одговорноста за соодветните институции за да можеме веднаш да се зафатиме со работа. Имаме одлична соработка и меѓусебно разбирање со сите партнери што се дел од владината коалиција и верувам дека ќе изнајдеме максимално квалитетни решенија за сите позиции водејќи се од императивот дека стручноста на човекот и подготвеноста да биде сервис на граѓаните ќе биде примарно при одлиучувањето за сите позиции“ изјави Заев, кој заедно со градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи, попладнево беше во посета на селото Порој на местото каде поројска река создаде големи наноси и го блокира патот кон Јажинце.
Заев се надева дека Марко Зврлевски ќе ја забрза постапката за избор на нов републички Јавен обвинител со тоа што ќе поднесе оставка, но вели дека, за секој случај, тие ја почнале процедурата за негово разрешување со барање на барање на мислење од Советот на јавни обвинители.
„Целта е да почнат реформите од секој аспект и особено во делот на правосудството. Првото значајно исчекорување во оваа област е експертското решение коешто треба да биде поставено на местото државен јавен обвинител. Оттука ќе покажеме колку како општество сме подготвени да ги отпочнеме реформите со краен ефект независно правосудство, судство и државно обвинителство. Јас не алудирам ниту размислувам за вакво решение и очекувам решенијата да излезат на површина согласно процедурите штом ќе заврши постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Се уште се надевам дека тој ќе ја забрза постапката со тоа што ќе поднесе оставка но ние денеска ја отпочнавме процедурата со барање на мислење до Советот на јавни обвинители за негово разрешување. Очекувам експертски решенија и мотивација на квалитетни луѓе кои што ќе се фатат во костец а ќе имаат шанса да испишат и своја историја преку историјата за Република Македонија во функција на враќање на правната држава“ рече Заев.
За Порој, тој најави дека на владината седница се договорени три мерки за помош на населението од овој крај, прво да се формира комисија која ќе ги утврди штетите предизвикани на земјоделдките површини, трето сите надлежни државни институции мора да преземат мерки како што е акцискиот план на УНДП за спречување на ваквите појави изготвен пред неколку години да се реализира на терен.