ВЛАДАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА МАЛИ СОЛАРНИ ЦЕНТРАЛИ, НАЈАВИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ

    ВЛАДАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА МАЛИ СОЛАРНИ ЦЕНТРАЛИ, НАЈАВИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ„Најголем проблем за инвеститорите во обновливи извори на енергија е обезбедување на потребните градежни дозволи и документација, како и приклучок на мрежата. Владата ќе се обиде тука да им помогне“, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев

    Субвенции за изградба на мали фотоволтаици, или соларни централи, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на денешната промоција на завршниот проект на УСАИД за иновации во чиста енергија.

    Тој рече дека од досегашните контакти со инвеститорите во енергетски капацитети, особено оние што сакаат да инвестираат во обновливи извори на енергија кажале дека најголем проблем за вакви инвестиции е обезбедување на градежна дозвола и други административни документи, како и приклучокот на енергетската мрежа.

    „Овде ќе најавам еден од следните проекти на Владата, со кој ќе се обидеме да им помогнеме на инвеститорите за да можат да изградат мали фотоволтаици со капацитет од 20 до 30 мегавати. Идејата е на државно градежно земјиште кое е неквалитетно, како што се камењари и слично, за да не зафаќаме обработливо земјиште, ќе го урбанизираме, ќе го поделиме на парцели, на кои ќе може да се подигне фотоволтаица од еден мегават, за што е потребно од 1,5 до 2 хектари. Такви локации ќе има пет до шест во земјата. Ќе им обезбедиме градежни дозволи и во соработка со МЕПСО и ЕЛЕМ ќе им обезбедиме и приклучок. Нивно ќе биде да инвестираат во овие соларни централи“, рече Анѓушев.

    Тој објасни дека државата потоа ќе распише и тендер за субвенции за потребната технологија, и дека приципот ќе биде таков субвенции да добијат тие што ќе побараат најмалку пари. На годишно ниво државата за овој вид субвенции планира да потроши од 300.000 до 400.000 евра.

    Според Анѓушев производството на енергија од обновливи извори е иднината на Македонија, бидејќи земјата е сиромашна со енергетски ресурси, односно нема нафта и природен гас, резервите на јаглен со трошат, а ограничено е и производството на енергија со хидроцентрали.

    „Сериозно разговараме во Владата за обновливи извори на енергија и ова е обид да најдеме иновативни решенија да направиме повеќе“, вели Анѓушев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари