ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДOНИЈА ВО СКОПЈЕ ИАКО Е ДИВОГРАДБА И ЈА ЗАГРОЗУВА БЕБЕДНОСТА

    ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДOНИЈА ВО СКОПЈЕ ИАКО Е ДИВОГРАДБА И ЈА ЗАГРОЗУВА БЕБЕДНОСТАОд Министерството за култура велат дека објектот ќе се догради оти има уредна документација. (Фото: СДК.МК)

    Владата ќе го догради споменикот на Мајка Тереза иако е дивоградба, прекршува низа закони и го блокира влезот на Плоштадот Македонија во центарот на Скопје. Од Министерството за култура и туризам за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека овој објект ќе биде довршен.

    „Сè што е оставено од објектите во недовршена фаза и е со уредна документација, ќе биде довршено. Објектот за кој прашувате има уредна документација“, ни одговарија од Министерството за култура и туризам.

    За објектите од „Скопје 2014“, меѓу кои е и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот Плоштад во земјава.

    За овој објект се води судски спор помеѓу Министерството за култура со фирмата изведувач „Бетон“ која е во стечај.

    Владата на СДСМ, која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“, додека беше на власт осум години не го чепна овој објект. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.

    Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата. Но, конкурс не беше распишан и сега новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го довршува објектот.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец најави дека сите недовршени објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се доградат. Рече дека ќе се консултураат архитекти и стручна јавност дали е можно да не бидат во барок како што им беше првичниот проект, оти тој повеќе преферира модерни градби.

    Целиот проект „Скопје 2014“, со спомениците, квазибарокните згради и менувањето на фасадите во барок на најзначајните објекти од македонската модерна архитектура што засекогаш го промени ликот на главниот град, чинеше 700 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира