ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ, ЌЕ ГО ИЗБРИШЕ САМО ЧЛЕНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА ВО ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА

    ВЛАДАТА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ, ЌЕ ГО ИЗБРИШЕ САМО ЧЛЕНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА ВО ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈАСпоред Владата, во земјава има околу 50.000 дивоградби, но не се објаснува од каде се тие податоци. (Фото: СДК.МК)

    Законот за легализација на дивоградби повторно ќе биде ставен пред пратениците, но ќе претпри измени односно нема да се дозволи легализација на објекти во заштитени подрачја. На денешната владината седница е одлучено Владата да поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата, за да се дојде до најдобро законско решение.

    „Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните“, соопшти Владата.

    Собранието на 11 мај со 72 гласа „за“  од власта и опозицијата го усвои Законот за легализација на дивоградби. Со законското решение се дозволува легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган. Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.

    Поради овие одредби, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот и со тоа сега Собранието повторно ќе го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето,  и ако го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

    Претседателот не го потпиша Указот оти смета дека Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот. Тој смета дека Законот не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. Тој кажа и дека со Законот се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

    И Асоцијацијата на архитекти на Македонија(ААМ) денеска повика да не се донесува нов Закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти затоа што тој ги суспендира сите важечки прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира