ВЛАДАТА ПЛАЌА ЧЕТВОРИЦА ФОТОГРАФИ И ТРОЈЦА СНИМАТЕЛИ, ПЛУС СЕКОЈ МИНИСТЕР СИ ИМА СВОЈ ШТО ГО СЛИКА ЗА ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМ

    ВЛАДАТА ПЛАЌА ЧЕТВОРИЦА ФОТОГРАФИ И ТРОЈЦА СНИМАТЕЛИ, ПЛУС СЕКОЈ МИНИСТЕР СИ ИМА СВОЈ ШТО ГО СЛИКА ЗА ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМСекоја владина слика е цензурирана слика - владините фоторепортери на пречекот на Урусла фон Дер Лајен, додека акредитираните фоторепорери од професионалните медиуми беа тргнати поназад - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата има четворица фотографи и тројца сниматели, а плус секој министер си има свој кој го слика на официјални настани, прес-конференции, приеми, патувања и средби. На фејсбук, инстаграм и твитер профилите на Владата, премиерот, министрите и министерствата секој ден се објавуваат по неколку галерии фотографии од активности кои ги имале, а понекогаш се пуштаат и божем папарацо фотографии, демек премиерот јаде тост, министрите летаат со комерцијални летови, шетаат лежерно низ град и слично.

    Истите тие фотографии се испраќаат и до медиумите заедно со соопштение. Исто така, Владата и некои министерства испраќаат и видеоматеријали од настанот на кој бил премиерот или министерот, снимени од снимателите што се плаќаат со пари од државниот буџет. Често, од еден ист настан на кој покрај премиерот биле и министри се испраќаат фотографии и соопштенија и од Владата и од министерствата.

    При официјални посети на странски гости кои се пречекуваат пред Владата, на платото има повеќе владини фотографи, од медиумите. Таков беше случајот при последната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 26 октомври. Пред Владата за пречек беа наредени сите министри и сите имаа свој фотограф кој ги сликаше како се ракуваат со гостинката. Тие беа поставени така за да фатат добар кадар што ќе им се бендиса на нивниот шеф или шефица, а снимателите и фоторепортерите од акредитираните медиуми беа тргнати поназад.

    „Секоја владина слика е цензурирана слика – вистинска новинарска фотографија – нема“, велат неколкумината професионални фоторепортери кои останаа да работат во професионалните медиуми.

    „Професијата фоторепортер е во изумирање, нема млади фоторепортери, останаа само оние наши колеги кои сега трчаат по министрите да ги сликаат како на свадба, па после да им ги одобрат фотографиите дали се убави за на инстаграм“, велат професионалните фоторепортери кои се загрижени дека ќе ги изгубат работните места.

    Порано во медиумите работеа над 40 фоторепортери, а сега се едвај десетина. Ретко кои медиуми ангажираат професионални фотографи во редакциите кога Владата, министерствата, општините сè им сервираат.

    Од Владата и министерствата не гледаат ништо спорно во ангажирањето фотографи, туку велат дека тие се потребни заради транспарентно работење.

    „Фотографите и снимателите извршуваат точно утврдени задачи поврзани со активностите на претседателот на Владата и на вицепремиерите за политики за добро владеење и за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. За нив годишно се издвојува 1.309.304 денари. Владата доследно ја спроведува својата политика на активна транспарентност што, освен објавување на податоци, подразбира и редовно информирање преку соопштенија, фотографии и видеоматеријали. Граѓаните и медиумите се оние кои одлучуваат што е од нивен интерес. Со воспоставената практика, Владата им излегува во пресрет на медиумите кои често ги користат овие материјали за да ја информираат јавноста, особено за настани во странство кои се од значење за државата. Владата силно ја цени и ја поддржува работата на медиумите и новинарите и нивната независност, а нашата активна транспарентност е мотив за повеќе истражувачки стории“, одговорија од Владата.

    И вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска не смета дека ваквата пракса е на штета на медиумите туку е во насока на транспарентност „што подразбира и навремено информирање на медиумите, но и на граѓаните за сопствената работа и секојдневните активности, што е основен предуслов за одговорно и отчетно управување“.

    „Како резултат на оваа определба, Владата има максимални 100% активна транспарентност односно ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност, согласно редовното годишно рангирање на институциите според индексот на активна транспарентност на Центарот на граѓански комуникации. Технолошкиот развој кој овозможува нов начин на комуницирање со граѓаните, преку социјалните медиуми, но и потребата медиумите и граѓаните да имаат брза, навремена, точна и целосна информација за работата на Владата, ја наметнува потребата да бидат ангажирани и сниматели и фотографи, кои овозможуваат компетно информирање преку соопштенија, фотографии и видеоматеријали. Ваквиот начин на работа е од интерес и на медиумите кои, како резултат на оваа транспарентност, имаат можност да прават анализи, истражувања и истражувачки стории“, велат од кабинетот на Грковска од каде додаваат дека вицепремиерката нема свои фотографи туку ги користи лицата што се ангажирани преку Генералниот секретаријат.

    Прашања за тоа колку фотографи имаат вработено испративме и до министерствата. И од таму одговорот е ист дека тие се ангажирани заради транспрарентност во работењето. Од некои министерства ни одговорија дека немаат вработено лице фотограф туку дека министерот го сликаат вработени на други позиции во министерството или лица од неговиот кабинетот.

    „Во Министерството за култура нема вработено официјален фотограф и снимател, ниту со редовен работен однос, ниту со договор. Во состав на Министерството за култура има Одделние за логистичка поддршка, кое меѓу другото е задолжено и за фотографирање на  протоколарни средби или други работни активности на министерот, заменикот-министер, државниот секретар или други раководни лица во Министерството. Обезбедувањето сопствени фотографии од средбите и настанате на Министерството за култура се во функција на поголема транспарентност во работењето и документирање на активностите на институцијата“, велат од Министерството за култура.

    Министерството за образование и наука има ангажирано со договор на определено време еден снимател и еден фотограф. Во Министерството за здравство нема ангажирано посебно лице за фотографирање или снимање туку овие активности по потреба ги извршува лице од редот на вработените.

    Во Министерството за труд и социјална политика ангажирани врз основа на договор се еден фотограф и еден снимател.

    Во Министерството за транспорт и врски се ангажирани еден фотограф и еден снимател, а во министерството за економија само еден снимател.

    „Заради навремено информирање, поголема транспарентност и подобро запознавање на јавноста со проектите кои ги реализира Министерството за транспорт и врски во делот на патишта и железничка инфраструктура, изработка на водоводи и канализации, како и проекти во делот на авиосообраќајот ангажирани се еден снимател и еден фотограф за испраќање на матријали од работата на министерството. Со оглед дека природата на работата на ова министерство е теренска односно проектите се реалиираат низ територијата на цела држава, ангажираните лица преку теренски активности навремено ги информираат граѓаните за целта, потребата и динамиката на реализација на проектите“, велат од Министерството за транспорт и врски.

    Од Министерството за информатичко општество и администрација и од кабинетот на вецепремиерот Артан Груби ни рекоа дека немаат ангажирано фотографи, туку дека сите вработени лица извршуваат и дополнителни задачи, па кога треба и си ги сликаат своите шефови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира