ВЛАДАТА ПРИФАТИ ШАР ПЛАНИНА ДА БИДЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК, А ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ ЗА ЗАШТИТЕН ПРЕДЕЛ

    ВЛАДАТА ПРИФАТИ ШАР ПЛАНИНА ДА БИДЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК, А ОСОГОВСКИТЕ ПЛАНИНИ ЗА ЗАШТИТЕН ПРЕДЕЛСогласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни. (Фото: МЖСПП)

    На денешната седница на Владата беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

    „Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел“, велат од Министерството.

    Оттаму додаваат дека согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.

    „Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“, изјави министерот Насер Нуредини за одлуките на Владата.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари