Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена, кажа министерот за економија Крешник Бектеши. Ваквата одлука е донесена на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија.
Бектеши рече дека одлуката е донесена врз основа на процената на комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.
Бектеши кажа дека нема да има рестриктивни мерки кои би влијаеле на секојдневниот живот на граѓаните, како и дека одлуката e донесена со цел да се вбризгаат средства во енергетските компании за да се зголеми нивната ликвидност. Станува збор за речиси 65 милиони евра, кои ќе бидат префрлени од државниот буџет.