Владата денеска донесе одлука за постоење кризна состојба во државата во траење од 30 дена, поради зголемената појава на пожари и за спречување на ширењето.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа вчера попладне го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење кризна состојба.
„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија поради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, поради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење“, велат од Владата.
Заради операционализирање на одлуката за прогласување кризна состојба донесени следните заклучоци:
– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба,
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија.
Во моментов, на цела територија на државата активни се осум пожари, а најголем е оној во Пехчево. Од утрово таму пожарот го гаснат пет хеликоптери, два на Армијата и три од Србија.
Од 3 август во тек е забраната за движење низ планини и шуми во целата земја.
А. АНТЕВСКА