На денешната седница, Владата го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот и одлучи документот да биде доставен до Собранието.
Предлогот предвидува интервенција во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава, односно во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.
„Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија, и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија“, велат од Владата.
Оттаму додаваат дека со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на земјата.
„Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност. Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО да биде и полноправна членка на Европската Унија“, се вели во владиното соопштение.
Владата очекува конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во Парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија.
Според собраниската процедура, претседателот на Собранието има рок од 10 дена да ја закаже Комисијата за уставни прашања. Расправата во оваа комисија трае најмногу 10 работни дена, а потоа предложените измени одат на пленарна расправа, но не пред да изминат 30 дена.
Според собранискиот деловник, ако се почитуваат крајните рокови, целата постапка за промена на Уставот треба да трае од 106 до 110 дена. За усвојување се потребни 80 гласа од пратениците.