ВЛАДАТА САКА ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ИТНАТА ПОМОШ И ПЕТ ЦЕНТАРОТ ДА ВЛЕЗЕ ПРИВАТЕН ПАРТНЕР

    ВЛАДАТА САКА ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ИТНАТА ПОМОШ И ПЕТ ЦЕНТАРОТ ДА ВЛЕЗЕ ПРИВАТЕН ПАРТНЕРЗа изградба на Центарот за позитроно-емисиона томографија (ПЕТ) беа потрошени 16 милиони евра, а од свеченото пуштање во употреба во јануари 2016 постојано има проблеми во обезбедување реагенси за работа (Фото: СДК.МК)

    Владата ја испитува можноста во ПЕТ центарот, Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, Итната медицинска помош и Патронажната служба да влезат приватни партнери. Дали тоа ќе се случи ќе зависи од физибилити студиите што треба да ги изработи Министерството за здравство.

    На последната седница минатиот вторник, Владата го задолжи Министерството за здравство да изработи физибилити студии за оправданоста од доделување договор за јавно-приватно партнерство, велат од владината прес служба.

    „Владата ги разгледа четирите информации за можно доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство. Станува збор за: Службата за итна медицинска помош, ЈЗУ Универзитетски Институт за позитронско – емисиона томографија, здравствени услуги за интегрирано менаџирање и иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, како и за Градската општа болница „8 Септември“. Физибилити студијата во овие четири случаи ќе биде документ којшто ќе покаже дали воопшто ќе се пристапи кон склучување договор за јавно – приватно партнертство во овие здравствени установи“, велат од Владата.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека идејата е да се види дали може во овие јавни здравствени установи да влезе приватен партнер кој може да донесе подобри услуги за пациентите.

    „Сакаме да видиме дали може приватен партнер да влезе во ПЕТ центарот, кој има циклотрон за производство на радиоизотопи, кои пак се неопходни за снимање со ПЕТ камерата. Во моментов за домашните потреби се користат 3 отсто од капацитетот на циклотронот, а идејата е да најдеме партнер кој ќе може да го разработи овој дел, односно да обезбеди 100 проценти искористеност на циклотронот и радиозиотопите да ги продаде во земјите од регионот кои немаат ваква технологија, како што се Албанија, Црна Гора, и другите земји што купуваат радиоизотопи“, вели Филипче.

    ПЕТ центарот, како најмодерна технологија за дијагностика, почна да се гради во ноември 2013, а свечено беше пуштен во употреба во јануари 2016, од тогашниот технички премиер Емил Димитриев. Изградбата на ПЕТ центарот чинеше 16 милиони евра. Од пуштањето во употреба оваа установа работи со проблеми, односно не секогаш има реагенси за производство на радиоизотопите. Според последните податоци од електронскиот систем за закажување Мој термин, слободен термин за ПЕТ скен камера нема во наредните три месеци.

    Филипче вели дека со физибилити студијата за Итната медицинска помош треба да се види дали има оправданост да се бара компанија која би имала интерес да влезе во јавно-приватно партнерство и при тоа да обезбеди услуги од Итна помош како што е тоа во Европа. Според него, користа за македонските пациенти би била во тоа да добијат добар сервис, односно брза и квалитетна услуга.

    „Во однос на ‘8 Септември’, како што се искуствата од Холандија, на пример да обезбедиме партнер кој во дел би влегол во управувањето со болницата, но при тоа да обезбеди и квалитетни доктори, нова опрема и реновирање на болницата. Сепак ова е само почетна идеја, бидејќи физибилити студијата треба да покаже што и како ќе може да се реализира“, вели Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира