ВЛАДАТА СЕ ПРЕМИСЛИ, ЦВЕКЛОТО, ФЕФЕРОНКИТЕ, ЦРВЕНИОТ ПИПЕР, БЕБЕШКИТЕ КАШИ И АДАПТИРАНО МЛЕКО ОСТАНУВААТ СО 5% ДАНОК

    ВЛАДАТА СЕ ПРЕМИСЛИ, ЦВЕКЛОТО, ФЕФЕРОНКИТЕ, ЦРВЕНИОТ ПИПЕР, БЕБЕШКИТЕ КАШИ И АДАПТИРАНО МЛЕКО ОСТАНУВААТ СО 5% ДАНОКСо повластена стапка од пет проценти остануваат и замрзнатото тесто, бебешките каши, адаптираното млеко за доенчиња, додатоците за исхрана за опаднат имунитет и хербалните чаеви. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата да денешната седница ја корегираше листата на основните прехранбени производи кои наместо со 5 ќе се даночат со 10 отсто данок. Од оваа листа по реакциите во јавноста извадени се урдата, кашкавалот, лутеницата, цвеклото, фефероните, вафлите, наполитанките и црвениот пипер. Со повластена стапка од пет проценти остануваат и замрзнатото тесто, бебешките каши, адаптираното млеко за доенчиња, додатоците за исхрана за опаднат имунитет и хербалните чаеви. Измените ќе почнат да се применуваат од петок, 13 октомври.

    „Министерството за финансии и Владата во креирањето на политиките и нивната примена се во постојана комуникација со бизнис заедницата и отворени се за сугестии и предлози. Процесот на утврдување на оваа одлука, исто така, се водеше низ транспарентен и инклузивен процес и беше споделена листата со производи кои ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ пред девет месеци, уште во јануари со бизнис заедницата, преку стопанските комори за тие да можат да достават свои предлози. Одлуката се донесе на седница на Владата на 28 септември и стапи во сила на 2 октомври кога започна со примена, но поради утврдените недоследности во примената кај дел од производите се укажа потреба од измена на Одлуката која беше направена во најкус можен рок“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

    Со одлука на Владата, која беше донесена на 28 септември, а стапи на сила на 7 октомври, се зголемува ДДВ на повеќе прехранбени производи, меѓу кои се чај, цвекло, лутеница, сладолед, чипс, мусли, овесни снегулки, зачини, млечни намази, кроасани, замрзната риба, но и храна за бебиња. Производите, како што стои во образложението од Владата, поскапуваат оти се луксуз или не се добри за здравјето.

    Но, не станува збор само за производи кои не се добри за здравјето туку и за витамини и додатоци во исхраната. Со 10 отсто ќе се даночат и сите мултивитамински препарати, каки и витамин Ц од 1.000 милиграми, како и целета лепеза препарати што ги содржат витамините Б, како и витамините Д и Е и магнезиумот и железото. Поскапуваат и препаратите што се користат за поддршка на работата на црниот дроб, простатата, очите, како и ќесичките со електролити за третирање дехидратација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира