Владата одлучи да спроведе едукативна и информативна кампања за справување со корупцијата бидејќи смета дека е „од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи“. Информацијата за ваква кампања е усвоена на денешната владина седница, а во неа се вели дека ќе биде „објективна, информативна и непристрасна и ослободена од политичко-идеолошки бои или позадини“.
Целта на кампањата, као што соопшти Владата, е на „ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна“. Во владиното соопштение нема детали за тоа колкав буџет е планиран за реализација на кампањата и како таа ќе се изведува.
Дека ќе има вакви кампањи првпат најави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, на 11 јануари кога на прес-конференција ги презентираше идните владини мерки во реализацијата на вториот приоритет од владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, односно борбата против корупцијата и криминалот. Николовски тогаш рече дека 2021 ќе биде антикорупциска година, за што ќе се започне со активна и постојана кампања за подигнување на свеста кај граѓаните, за негативните ефекти на корупцијата и за сите механизми кои им стојат на располагање за да се спротивстават.
„Во 2021 носиме европски стандарди дома, тоа се принципите и нашата заложба кои ќе не водат оваа година. Преку секоја наша преземена мерка, во оваа заедничка битка против корупцијата и криминалот, ќе покажеме дека можеме да бидеме држава на чесни политичари, држава која чекори напред. Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите“, рече тогаш Николовски.