ВЛАДАТА ГИ ПРИФАЌА СИТЕ СЕДУМ БАРАЊА НА „МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“, ПАК ПОБАРА СРЕДБА СО ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА

    ВЛАДАТА ГИ ПРИФАЌА СИТЕ СЕДУМ БАРАЊА НА „МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“, ПАК ПОБАРА СРЕДБА СО ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈАВладата повторно ги повика на средба претставниците на граѓанските здруженија кои го организираа протестот во петокот (Фото: К. Попов)

    Владата соопшти дека ги прифаќа сите седум првични барања на „Марш за чист воздух“ кои беа изнесени во јавност во пресрет на петочниот протест во Скопје и повторно ги повика на средба претставниците на граѓанските здруженија кои стојат зад него.

    „Марш за чист воздух“ беше поддржан од 30-ина граѓански здруженија и привлече илјадници луѓе, но повикот за средба во Владата во прв момент беше одбиен и ѝ беше оставен рок од пет работни дена да исполни седум барања поврзани со загадувањето и животната средина.

    Владата денеска објави дека решавањето на сите седум барања е во постапка.

    • Најдоцна до крајот на годината ќе биде усвоен ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште. Тој моментално е на усогласување во Град Скопје и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на Градот.
    • Владата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага за „Охис“ и за палење на кабли низ Скопје и ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од институциите со кои раководи.
    • Владата го прифаќа барањето да се усвојат измените и дополнувањата на Законот за животна средина кои директно се однесуваат на управувањето со контаминираните подрачја. Предлог-законот ќе биде на дневниот ред на денешната седница на Генералниот колегиум на Владата, по што ќе оди на разгледување и утврдување на седница на Владата на 10 декември, а потоа и на усвојување во Собранието.
    • Се прифаќа барањето за стопирање на процедурата за усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, заштита на животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди и за комунална хигиена со Законот за прекршоци.
    • Владата ќе ја поднесе апликацијата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат откако ќе бидат потпишани анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко Блато и Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското Езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019.
    • Концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука е веќе одземена и ќе стапи на сила по завршувањето на жалбената постапка во Управниот суд, која е во тек.
    • Се прифаќа и предлогот да се одземе истечената концесија за експлоатација на рудникот Плавица и оваа одлука ќе биде донесена најдоцна до 17 декември.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира