ВЛАДЕЈАЧКАТА ВМРО-ДПМНЕ ЈА ОБВИНИ ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ЗА ТРУЕЊЕТО ВО ГОСТИВАР И БАРА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ГО ИСТРАЖАТ

    ВЛАДЕЈАЧКАТА ВМРО-ДПМНЕ ЈА ОБВИНИ ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ЗА ТРУЕЊЕТО ВО ГОСТИВАР И БАРА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ГО ИСТРАЖАТПрвични резултати од анализата на водата во Гостивар, според министерот за здравство Сашо Клековски, ќе има утре (Фото: СВР Тетово)

    Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од институциите целосно да го расчистат случајот со труењето на над 1.200 жители на Гостивар. Во партиското соопштение се вели дека одговорна за труењето е локалната власт во Општина Гостивар, предводена од СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари.

    Очекуваме целосно расчистување на случајот и секој што со своето постапување го загрозил здравјето на граѓаните да понесе одговорност согласно законот. Според информациите, постои основано сомнение дека здравјето на граѓаните е директно загрозено, затоа што општинските власти поставиле пумпи во отпадни води за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

    Првични резултати од анализата на водата во Гостивар, според вчерашната најава на министерот за здравство Сашо Клековски, ќе има утре. Клековски вчера при посета на болницата во Гостивар рече дека нема причина за прогласување епидемија.

    На ваквата изјава на Клековски реагираше епидемологот Никола Пановски, кој на својот фејсбук профил напиша дека во Гостивар мора веднаш да се прогласи епидемија.

    Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 проценти од населението од иста болест и немало услови за прогласување епидемија. Епидемолози, каде сте, ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, напиша Пановски.

    Од Обвинителството денеска соопштија дека Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде што по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на квалитетот на примероците на водата од гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре, по што ќе бидат доставени до надлежното обвинителство, Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира